Линкови за пристапност

Катрина – какви ќе бидат економските последици?


Додека властите ја проценуваат штетата од ураганот Катрина во централното крабрежје на САД, стручњаците изразуваат загриженост дека природната катастрофа може значително да се одрази на економската ситуација во земјата.

Пред невремето да го истури својот бес, компаниите за производство на природен гас и нафта ги затворија своите рафинерии, а беа евакуирани луѓе и опрема од повеќе крајбрежни градови. Сега, кога најлошото мина, нафтените компании имаат потешкотии да се вратат во погодените области и да ја проценат штетата.

Иако рафинериите во овој дел на САД не стоеја на директната патека на ураганот, компаниите од предострожност ги затворија сите, освен оние на запад или на тексашкото крабрежје.

Бил Минц, портпарол на корпорацијата Апачи со седиште во Хјустон, вели дека е тешко да се мине низ поплавените области, со оглед што вообичаените авионски и хелихоптерски врски се во прекин. Сепак, неговата компанија се обидува да продолжи со работата што е можно побрзо.

„Во моментов, работниците започнуваат да се враќаат во областите западно од патеката на ураганот и почнуваме да вршиме проценка на областите каде минала Катрина“, вели Минц.

Економистите предупредуваат на можно зголемување на нафтените цени, како и на тоа таквото зголемување да се одржи најмалку неколку недели. Ова може да го намали степенот на економски растеж за околу три проценти, а бруто домашниот производ да опадне речиси под нулата.

Ден Пикеринг, претседател на компанијата „Пикеринг Енерџи Партнерс“ од Хјустон предвидува дека прекинот на работата на рафинериите во областа ќе има големо влијание на трошоците за бензин.

„Цената на бензинот дефинитивно расте. Во суштина се одземени околу шест проценти од капацитетот на американските рафинерии. Околу милион барели дневно од областа на Њу Орлеанс нема да се произведуваат во наредните неколку недели и тоа заради комбинација од штети од ураганот и недостаток на електрична енергија“, вели Пикеринг.

Регионот на Мексиканскиот Залив произведува околу два процента од светската непреработена нафта и на него отпаѓаат околу 25 проценти од непреработената нафта во САД, а важи и за главна област за производство на природен гас.

XS
SM
MD
LG