Линкови за пристапност

Обвинителот Прчевски и министерот Михајловски за случајот Красниќи


Се случи долгоочекуваната средба меѓу државниот обвинител Александар Прчевски и скопскиот Стерјо Зиков. Разговарале за случајот Красниќи, но заклучок не е донесен. Дали заменик јавниот обвинител погрешил што се согласил да се укинат потерниците против кондовецот Агим Красниќи, ќе се знае денеска. Прчевски ќе објави соопштение откако ќе ги добие сите информации- за колку и за кои дела се гонат Красниќи и неговата група.

„Тоа е обвинителско право и тој располага со тоа право, судот одлучува“,

изјави обвинителот Прчевски по средбата со Зиков.

Тоа го предвидуваат и законските одредби за кривична постапка-доколку осомничениот или обвинетиот даде информации битни за истрагата, обвинителот има право да се договори со него дури и за ослободување од кривично гонење.

И Републичкиот судски совет го очекува досието Красниќи за да утврди дали судијата погрешил што веднаш ги прифатил сугестиите на обвинителството.

„За сите има обвиненија, односно ќе има обвиненија таму каде што ќе има место. Значи, прогонот останува“, вели обвинителот Прчевски.

За Агим Красниќи во четврток ќе расправа и Владата, откако од Министерствата за правда и за внатрешни работи ќе ги добие сите информации за случајот.

Министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски вчера не сакаше да коментира за случајот, освен што демантираше дека полицијата го придружувала Красниќи до судот. Нему не му е познато како тој дошол до судот во центарот на Скопје, иако по него имало потерници.

„Сега тоа не знам да ви кажам, незабележано. Ние имаме многу движење на луѓе, малку е чудно прашањето, како. Херметички не можете да затворите простор, како поминале, поминале. Полицијата не го затвроила херметички Кондово, ниту пак сме имале полиција на пет метри, два метра од еден до друг полицаец.“

XS
SM
MD
LG