Стотици Сунити излегоа на улиците на родниот град на Садам Хусеин, Тикрит, да го изразат своето незадоволство за документот. Ова се случува само еден ден откако новиот ирачки устав беше претставен пред парламентот без одобрение од преговарачите Сунити. Демонстрантите го осудија федералниот систем предложен во нацрт уставот, нарекувајќи го израелски заговор за поделба на Ирак според етничка и верска основа.
Во Багдад, Тарик Ал-Хашими, лидерот на Ирачката исламска партија, најголемата политичка партија на Сунитите, рече дека документот е доставен до парламентот спротивно на волјата на преговарачите Сунити и како што кажа, во отсуство на принципот на договор.
„Со големо жалење“, вели тој, „констатирам дека овој нацрт устав не ги исполнува нашите аспирации и не ги рефлектира проблемите на ирачкиот народ.“
Многумина лидери на арапските Сунити ги повикуваат следбениците да гласаат против уставот на референдумот на 15 октомври.
Документот треба да биде одобрен од 16 од вкупно 18 ирчаки провинции. Доколку две третини од гласачите во кои било три провинции го отфрлат, Ирак ќе треба да распише нови парламентарни избори и одново да почне да го изготвува уставот. Неколкумина од порадикалните шиитски свештеници, вклучувајќи го Моктада Ал-Садр исто така го осудија документот, што може да резултира тој да не биде поддржан кај дел од шиитското население.
Ал Хашими од Ирачката исламска партија истакна и дека ќе врши притисок врз Националното собрание за модификации на нацрт уставот пред одржувањето на референдумот, за да ја добие поддршката на Сунитите. Тој рече дека неговата партија ќе го усвои документот, само доколку бидат разрешени спорните прашања.
Американскиот претседател Џорџ Буш изрази разочараност поради овој чекор на Сунитите, но ги пофали напорите на Комисијата што го достави нацрт уставот до Собранието, откако испушти неколку рокови да го стори тоа.