Линкови за пристапност

Буш:  итното повлекување од Ирак би било грешка


Демонстранти имаше во понеделникот кога претседателот говореше пред група воени ветерани во сојузната држава Јута. Демонстранти се очекуваат и во среда во Ајдахо, каде тој планира да говори за борбата против тероризмот.

Претседателот Буш меѓу двата настапа планираше да земе малку здив во Ајдахо. Наместо тоа, тој вчера одржа неформална прес-конференција, на која реагираше на критичарите на војната во Ирак кои од него бараат да ги повлече американските трупи од земјата.

„Сметам дека итното повлекување од Ирак би било грешка. Сметам дека оние кои се залагаат за повлекување не само од Ирак, туку и од Блискиот Исток, промовираат политика што би ги ослабела САД“, рече Џорџ Буш.

Тој не кажа дали планира да се сретне со Синди Шеан, мајка на загинат војник во Ирак, која го започна протестот во близина на ранчот на претседателот во Тексас. Таа набрзина стана симбол за многумина од анти-военото движење, но претседателот вели дека има многу семејства на војници кои размислуваат поинаку: „Го почитувам нејзиното право да протестира и ја разбирам нејзината болка. Се сретнав многу семејства. Таа не го претставува ставот на многу од семејствата со кои се сретнав“.

Претседателот Буш истакна дека усвојувањето на ирачкиот устав од народот во земјата би претставувало важна промена за поширокиот регион на Блискиот Исток. Тој верува дека во регионот нештата веќе се движат во позитивна насока, подвлекувајќи дека Израел презеде несекојдневен чекор со евакуацијата на еврејските доселенички населби од појасот Газа.

XS
SM
MD
LG