Според американскиот Устав, претседателот има право да назначи личност на одредена функција, без потврдно гласање и додека Конгресот е на одмор. Кратко време откако законодавците заминаа на едномесечен одмор, претседателот Буш токму тоа и го направи. Тој оцени дека поради партиски пресметки, не се гласало за Џон Болтон, иако тој го заслужува тоа.
"Како резултат, Америка преку шест месеци е без постојан амбасадор во ОН. Ова место е премногу битно и не може и натаму да биде празно."
Номинацијата на Болтон предизвика контроверза во Сенатот. Поволен за конзервативците, критиката сметаше дека тој е нетактичен и дрзок за да биде поставен на функцијата амбасадор во ОН, и го обвинуваше дека додека бил на чело на Канцеларијата за контрола на вооружувањето во Стејт департментот, ги уценувал своите помошници, манипулирал со информации и бил критички настроен кон ОН. Белата куќа ги отфрлува обвинувањата. За неа Џон Болтон е директен и го кажува она што го мисли.
Болтон на распитот во Сенатот најави дека неуморно ќе работи на спроведување на политиката на претседателот Буш во ОН.
"Бараме посилна, поефикасна светска организација, доследна на идеалите на нејзините основачи и доволно агилна да дејствува во 21-от век."
Демократите не се изненадени од потегот на претседателот Буш, бидејќи знаеја за таквата можност, но сеедно се против. Сенаторот Кристофер Дод од федералната држава Конектикат, истакнат член на Сенатската комисија за односи со странство, пред која се одвиваше распитот за номинацијата на Болтон, за Телевизијата Фокс изјави -
"Тој не е добар избор - личност на која и недостасува кредибилитет. Тој ќе биде првиот амбасадор во ОН од 1948 наваму кого го испраќаме без потврда во Конгресот. Не треба да испратиме човек кој ја нема довербата на Конгресот и на многу други."
Претседателите ретко го користат овластувањето да назначат некого на функција без потвда од Конгресот. Демократите бараа претседателот Буш да излезе со друг кандидат, предупредувајќи на негативни последици доколку го заобиколи Сенатот. Републиканците, пак, стојат на ставот дека назначувањето на Болтон нема да има негативен ефект врз Конгресот.