Линкови за пристапност

Американските трупи ќе се повлечат од Ирак кога ирачките доволно ќе се оспособат


Американски армиски командант во Багдад во интервју за Гласот на Америка вели дека повлекувањето зависи од подготвеноста на Ирачаните сами да се грижат забезбедноста. Минатата недела, главниот американски командант во Ирак, генералот Џорџ Кеси изјави дека до почетокот на идната година би можело да дојде до значително повлекување на американските сили од Ирак, под услов Ирачаните да остварат напредок на политички фронт, а бунтовништвото да не се рашири. И покрај внимателната изјава на генералот, во медиумите се појавија шпекулации дека Вашингтон и Багдад веќе планираат конкретен начин за брзо повлекување на американските сили.

Во интервју за Гласот на Америка, американскиот бригаден генерал Карл Хорст, задолжен за обуката и операциите на десетици илјади припадници на ирачките сили за безбедност во Багдад и околината, вели дека американските сили ќе започнат да се повлекуваат тогаш кога Ирачаните ќе покажат дека се способни самите да ги обезбедуваат своите улици, градови и граници.

„Сите ние би сакале американските сили да се повлечат. Но, намалувањето на силите не е нешто што зависи од времето, туку од постигнувањата, од исполнувањето на целите. Без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не, имаме обврска да ја довршиме работата – поради Ирачаните, поради американските војници кои ги жртвуваа своите животи за подобар Ирак“, кажа генералот Хорст.

И покрај бунтовништвото и тероризмот, американската армија нема проблеми во пронаоѓањето Ирачани кои би сакале да станат дел од безбедносните сили на земјата. Повеќето од нив се млади луѓе привлечени од редовните примања. Во моментов има вкупни 170 илјади лица во над сто батаљони во ирачката армија и придружните полииски сили. Меѓутоа, генералот Хорст подвлекува дека најголемиот дел од батаљоните не се подготвени за борбени дејствија, а проблемите со недоволна обука и слаба командна структура се одразуваат на дисциплината:

„Многу од нив имаат проблеми да ги надминат племенските и верски обѕири. Бараме од нив да гледаат објективно на нештата, а не субјективно - од кое семејство доаѓаат, од кое племе, регион или вера. Искрено кажано, тоа е предизвик за нив, бидејќи претставува културолошка промена, а за тоа е потребно време“.

Поборниците за конкретен рок за повлекување на американските сили тврдат дека тоа е неопходно, меѓу другото и поради отстранување на се́ поголемите ирачки сомневања дека САД фрлиле око на земјата од економски и стратешки побуди, и тоа на подолг период. Американската влада на тоа одвраќа со тезата дека заминувањето на американските сили без ирачките да бидат оспособени само дополнително би ги охрабрило бунтовниците да продолжат со нападите.

XS
SM
MD
LG