Линкови за пристапност

Италија повикува на добро финансирана безбедносна политика на Европа насочена кон борба против тероризмот


Господин Писану кажа дека бомбашките напади во Лондон ги потсетиле Италијанците дека тие се можна цел на исламскиот тероризам. Министерот за внатрешни работи рече: „Денеска, по нападите на Мадрид и Лондон, исламскиот тероризам чука на вратата на Италија“.


Тој кажа и дека во моментов италијанските сили обезбедуваат 13.000 чувствителни локации во земјата и дека безбедноста била засилена за транспортниот сектор, вклучувајќи ги железничките станици и пристаништа откако се покажало дека тие се ранливи на терористички напад.


Но, г-динот Писану пред парламентот кажа дека италијанската влада нема намера да предложи специјални анти-терористички закони зашто тоа ќе го поремети нормалниот живот на граѓаните и ќе им помогне на терористите.


Тој вели дека не може да ги ограничи граѓаните во нивната слобода заради борбата против непријателот на таа слобода. „Ако тоа го направиме“, рече тој, “исто е како да им ја препуштаме победата“.


Министерот предложи серија мерки што може да помогнат властите да реагираат поефикасно во превенцијата и истражните напори. Тој рече дека на полицијата мора да и биде дозволено да приведува осомничени терористи 24 часа наместо сегашните 12, за да имаат повеќе време да ги идентификуваат.


Писану исто така побара подобро набљудување на Интернет и на мобилните телефони, вклучувајќи и листи на корисници. Тој кажа дека друга идеја е да се даваат дозволи за престој на илегалните имигранти кои помогнале во откривање на терористичка активност.


Тој кажа дека засега одговорноста за организирањето на безбедносната политика ќе биде концентрирана во неговото министерство за да се осигура единствена и ефикасна стратегија. Но, тој повика и на заедничка стратегија за цела Европа насочена кон борба против терористичките активности.


Тој ја опиша природата на овој тероризам како „меѓународно политичко движење кое ладнокрвно го користи верскиот фанатизам и оружјето на недискриминирачко убиство, за пореметување на демократските процеси во земјите кои се нападнати“.


Но, господинот Писану јасно изјави и дека заканата што ја претставуваат исламските терористи не треба да се меша со исламската религија, култура и цивилизација. Ова не е судир на цивилизации, рече тој, и бара заедничка реакција. Тој додаде дека Италија промовира иницијативи со умерените исламски асоцијации и институции кои тероризмот го сметаат за заеднички непријател.


Тој вели дека со модерниот Ислам, со воспоставување и функционирање на исламски базираните влади, може да се најде заеднички јазик по многу витални прашања.


Тој додаде дека италијанскиот министер за надвореши работи Џанфранко Фини ќе се сретне со амбасадорите на сите исламски влади присутни во Италија во наредните неколку дена.


Господинот Писану денеска ќе биде во Брисел на вонредниот состанок со министрите за внатрешни работи на ЕУ на кој ќе се расправа за последните терористички напади.

XS
SM
MD
LG