Линкови за пристапност

Продолжува истрагата за нападите во Лондон


Полицијата вели дека постигнала значителен напредок во истрагата за нападите во лондонската подземана железница и еден автобус, во кои загинаа преку 50 лица, а повредени се 700 други.

Началникот на анти-терористичката полициска единица, Питер Кларк, вели дека на местото на настанот, се откриени лични предмети или документи на тројца, од четворицата осомничени за нападите, што укажува на веројатноста дека сите се мртви.

„Се обидуваме да ги утврдиме нивните движења воочи нападите и особено, да утврдиме дали сите загинале во нив“.

Г-динот Кларк вели дека судските вештаци обезбедиле мноштво докази оти еден од осомничените загинал при експлозијата во подземната железница во близина на станицата Олдгејт во источен Лондон.

Тој уште вели дека од снимките на контролните камери се гледа оти во четвртокот наутро околу 8:30 или 20-тина минути пред експлозиите сите четворица заедно со воз пристигнале на станицата Кинг крос.

Во меѓувреме, полицијата изврши и рации во неколку куќи во и околу областа Западен Јоркшир, вклучувајќи ги домовите на тројцата од осомничените, при што е уапсено едно лице.

Портпарол на полицијата вели дека властите трагале по експлозив сличен на оној користен во нападите.

Британскиот премиер Тони Блер кажа дека зад нападите најверојатно стојат исламски терористи, но полицијата нагласува дека напаѓачите биле терористи и криминалци и дека не треба да се преземаат одмазнички чекори врз британските муслимани.

XS
SM
MD
LG