Линкови за пристапност

Светски реакции за терористичките напади во Лондон


Лидерите во светот изразија шок и гнев по смртоносните експлозии во Лондон и ветија определба за искоренување на терористичката закана.


Видно потресен, британскиот премиер Тони Блер, опкружен со лидерите на 12 други држави кои присуствуваат на самитот на Групата 8 во Глениглс, во Шкотска, прочита изјава во нивно име нарекувајќи ги нападите варварски.


"Одговорните за нападот немаат почит за човечкиот живот. Ние сме обединети во решеноста да се спротивставиме и да го победиме тероризмот што не е напад на една нација туку на цивилизираните луѓе насекаде ... Овде на самитот, светските лидери се борат да се справат со светската сиромаштија. Извршителите на денешните напади имаат намера да уништуваат човечки животи. Терористите нема да успеат."


Европските земји од Шпанија до Полска или го подигнаа нивото на предострожност или го засилија обезбедувањето на транспортните мрежи и на аеродромите. Франко Фратини, комесарот за правда и безбедност на ЕУ кажа дека бомбашите не ја нападнале само Британија туку цела Европа.


Претседателот Буш на новинарите на самитот им кажа дека ги инструирал претставниците на обезбедувањето во САД да бидат исклучително предострожни и да преземат неопходни мерки како реакција на очигледно координираните напади во Лондон.


"Војната против теророт продолжува. Ме импресионионираше решителноста на сите лидери во просторијата. Нивната решителност е подеднаква на мојата. А таа е – дека нема да попуштиме пред овие луѓе, нема да попуштиме пред терористи."


Рускиот претседател Владимир Путин повика на обединување во борбата против тероризмот. И германскиот канцелар Герхард Шредер кажа дека владите мора да ги употребат сите расположиви средства за заедничка борба против тероризмот.


Папата Бенедикт 16ти нападите ги опиша како варварски акти против човештвото.


Лондонскиот градоначалник Кен Ливинстон, зборувајќи во Сингапур еден ден откако на градот му беа дадени Олимписките игри во 2012, ги обвини извршителите за обид да изведат масовно убиство.


"Тоа не беше терористички напад против моќниот и силниот. Не беше насочен кон претседатели и премиери. Беше насочен кон обични Лондончани од работничката класа, црни и бели, Муслимани и Христијани, Индуси и Евреи, млади и стари... И што и да сторите, колкумина и да убиете, нема да ја запрете нашата борба во градовите каде слободата е силна и каде луѓето можат да живеат во хармонија еден со друг."


Парискиот градоначалник Бертранд Делано,чиј град беше поразен во обидот да биде домаќин на Олимпијадата, кажа дека по нападите „сите ние сега сме Лондончани“.

XS
SM
MD
LG