Линкови за пристапност

Амандманска расправа за предлог законот за знамиња


Пратениците не усвоија ниту еден од петте амандмани со кои се предвидува знамето на заедниците да не биде идентично со знаме на друга држава.

И вчерашната амандманска расправа помина со истата стратегија-напади од опозицијата, одбрана на власта на предлогот за употреба на симболите на заедниците.

Имам сон.

Вака, на помош на владејачкото мнозинство му се приклучи и спикерот на Парламентот Љупчо Јордановски. Тој се обиде со најпознатите зборови од најзначајниот говор на лидерот за граѓански права од минатиот век, Мартин Лутер Кинг, да и објасни на опозицијата дека овој закон ќе го има истото влијание како и говорот на Кинг-бришење на сегрегацијата.

Јас сонувам дека ќе дојде денот кога сите ќе се чувствуваме рамноправни, кога нема да чувствуваме дека некој на некого му дава, а некој од некого бара. Овој закон е еден чекор во исполнувањето на мојот сон.

Вашиот став за овој закон е предавство, го обвинија некои од подносителите на амандманите.

Вие покажавте дека не знаете оти знамето е симбол на суверенитетот на една држава. Според тоа вие не сте достоен да го имате она што заслужувате претседател на македонскиот Парламент.

Да го споменам само Гоце Делчев, тој умрел мошне млад и затоа се уште останува некој репер за сонот на низа македонски генерции од потребата да се гради човечкиот живот и смислата на ангажманот на човекот за својот народ, за својата држава, за својата историја и историјата на сопствениот народ. Да поживеел уште некоја година, веројатно ќе сме го искомпромитирале и него,

Некој сонувал дека ќе биде капетан на брод, ама бродот му отпловил, возвратија Михајло Георгиевски, Тито Петковски и Жарко Караџоски.

Лилјана Поповска пак се спротивстави на слепото следење на партиските директиви и во ваквите суштински закони.

Од се што кажавте можам само да констатирам дека вам очигледно ви е лесен живот. Доволно ви е само да го следите патоказот и патот е ваш. Порано тоа се викаше директива, сега се вика лидерски договор. Како и да е суштината е иста, блазе си ви.

Албанското знаме е знаме на нација, а не не фирма. Обврска е, а не право, да се идентификуваме со него, реагираа пратениците од албанскиот политички блок. На денешното продолжение на дебатата на дневен ред се нивните амандмани, за поширока употреба на албанското знаме, а не само во општините каде што нивното присуство е над 50 проценти. Пратеничката група на ВМРО Народна пак, најавува иницијатива пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на законот, кој според распоредот на силите и потребното мнозинство, познато како Бадентерово, најверојатно наскоро ќе биде донесен.

XS
SM
MD
LG