Реформите за македонските евроинтеграции, македонско-американското партнерство, состојбата во регионот и претстојните преговори за финалниот статус на Косово.
Тоа беа главните теми, на кои Медлин Олбрајт, претседател на националниот демократски институт и поранешен американски државен секретар разговараше со премиерот Владо Бучковски, претседателот на парламентот Љупчо Јордановски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, за време на денешната куса посета на Скопје.
Според г-ѓа Олбрајт Македонија е лидер во регионот и успешен пример со своето мултиетничко општество.
Во РМ е постигната значајна политичка и безбедносна стабилизација, рекол премиерот Бучковски, и Владата сега е насочена кон економска стабилизација на земјата. Националниот демократски институт ќе се вклучи во изработката на новата македонска изборна регулатива, а поранешнито американски државен секретар со пофалби за, како што се вели во соопштението од Кабиентот на премиерот, прагматичната македонска политика во однос на решавањето на финалниот статус на Косово. Во овој контекст, премиерот Бучковски истакнал дека секое решение меѓу Приштина и Белград мора да го почитува територијалниот интегритет на Република Македонија.
Бучковски и Олбрајт разговарале и за подготовките ан Македонија за членство во НАТО, а македонскиот премиер и го пренел на г-ѓа Олбрајт очекувањето ан земјите од Јадранската група за добивање покана за членство во АЛијансата во 2006 година. Претстојните парламентарни избори била темата на која г-ѓа Олбрајт разговарала со лидерот на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ.
-Разговаравме за тоа дека веројатно клучно прашање за РМ ќе биде какви ќе бидат парламентарните избори и дали ќе бидат фер и демократски, дали ќе бидат спроведени на вистински начин или повторно ќе имаме насилство, полнење на кутии и слични нерегуларности. Така што, најверојатно, во голем дел од тоа како ќе бидат спроведени парламентарните избори ќе зависи иднината на статусот на преговори на РМ за членство во ЕУ, изјави Никола Груевски.
Медлин Олбрајт во Македонија допатува од Косово каде што завчера во Приштина, косовскиот претседател Ибрахим Ругова и додели златен медал на слободата како награда за нејзините заслуги за време и по косовскиот конфликт во 1999 година.