Линкови за пристапност

Серија терористички напади во Лондон – преку 30 загинати


Британија и светот во шок и огорченост од терористичките напади во Лондон што го парализираа јавниот сообраќај во градот.

Властите велат дека во серијата експлозии во лондонското метро и еден автобус на јавниот превоз загинале преку 33 лица а 345 биле повредени. Експлозиите одекнаа за време на најфреквентниот утрински период кога повеќето Лондончани одат на работа.

Претходно непозната група која себе си се нарекува Тајна организација на Ал-Каида во Европа објави изјава на арпаска Интернет страница во која презеде одговорност за нападите.

Британскиот премиер Тони Блер го напушти Самитот на групата 8 што се одржува во Шкотска и замина за Лондон да ја процени ситуацијата. Пред заминувањето тој ги осуди нападите нарекувајќи ги варварски. Сите лидери на Групата 8 се придружија на британскиот премиер кој ја подвлече обединетоста и решеноста да се порази тероризмот.

Претседателот Буш енергично ги осуди нападите, велејќи дека „војната против тероризмот продолжува“. Од Самитот на Групата 8 тој упати сочувство на британскиот премиер и граѓаните на Лондон. Додека лидерите на Групата 8 разговараат за помош за сиромаштијата во Африка и борба против СИДАТА, кажа американскиот претседател, терористите убиваат недолжни цивили. Велејќи дека е импресиониран од решеноста на сите лидери на самитот, претседателот Буш порача – „ние нема да попуштиме пред терористите“.

Американскиот претседател е во контакт со Одделот за домашна безбедност со цел да се обезбеди дополнителна предострожност во САД.

Властите во Германија, Франција и Италија веќе го подигнаа нивото на предострожност од терористички напади.

Францускиот претседател Жак Ширак му порача на премиерот Блер дека има целосна поддршка од неговата земја. Германскиот канцелар Герхард Шредер ги осуди нападите и ја подвлече важноста од борбата против тероризмот, а рускиот претседател Владимир Путин изјави дека сите цивилизирани земји треба да се обединат во војната против терористите. Генералниот секретар на НАТО оцени дека се работи за грозно злосторство и повика на единство.

Властите во неколку американски градови го засилија обезбедувањето во јавниот превоз.

Оделот за домашна безбедност повика на континуирана предострожност во јавниот сообраќај во поголемите градови.

Во Вашингтон беше зголемена безбедноста во метрото и автобускиот сообраќај. Полицијата со кучиња-трагачи по бомби патролира на станиците и ги прегледува возовите и автобусите. Дополнителни безбедносни мерки се воведени и во Лос Анѓелес и Чикаго. Во Њујорк властите соопштија дека метрото и онака е под засилено обезбедување, но препорачија вработените и патниците денес да бидат дополнително предострожни.

XS
SM
MD
LG