Линкови за пристапност

Во Вашингтон заседава Парламентарното собрание на ОБСЕ


На 1 август се навршуваат 30 години од Договорот од Хелсинки, што ги обврзува земјите-потписнички да ги почитуваат човековите права и фундаменталните слободи.

Говорејќи на отворањето на парламентарното собрание на ОБСЕ во петокот, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс кажа дека хелсиншкиот договор помогна да се порази комунизмот во Европа, со што континентот се трансформираше од политички поделен во слободен. Сепак, некои земји се́ уште не го почитуваат договорот, вели првиот американски дипломат.

„За жал, владите на некои земји од ОБСЕ, како Белорусија и Узбекистан, не ги исполнуваат своите ветувања во врска со човековите права, демократијата и правната држава“ рече Кондолиза Рајс.

Таа елаборираше дека Белорусија и Узбекистан ги одбиваат понудите на ОБСЕ да помогне, обвинувајќи ја организацијата дека се меша во нивните внатрешни работи. Кондолиза Рајс рече дека таквите тврдења се неосновани, споредувајќи ги со оние што на времето Советскиот сојуз ги има искажано за ОБСЕ.

Претседателот на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес Денис Хастерт кажа дека ширењето на стандардите на ОБСЕ денеска претпоставува ангажман и надвор од европскиот континент, споменувајќи го тука Ирак, и побара од колегите да остварат поблиски врски со парламентарците во земјите каде демократијата само што започнала да фаќа корени.

„Како лидери на најсолидните парламенти во светот, мора да продолжиме со битката за слобода, демократија и мир. Убеден сум дека работејќи заедно можеме многу да сториме за да го подобриме животот ширум светот“, истакна Денис Хастерт.

Претседавачот со ОБСЕ, Димитриј Рупел кажа дека организацијата и натаму игра уникатна улога. Говорејќи конкретно за Косово, тој истакна дека ОБСЕ ќе игра важна улога со оглед на фактот дека во блиска иднина ќе се решава за идниот статус на покраината. ОБСЕ, вели Димитриј Рупел, треба да помогне таму да се воспостави комуникација:

“Дијалогот е од витално значење. За време на мојата посета на Косово, видов како Србите и Албанците живеат во изолација и дека нема доволен дијалог меѓу Приштина и Белград“.

Тој уважи дека на ОБСЕ му се потребни реформи и ги повика делегатите од вкупно 51 земја да размислуваат како ОБСЕ поефикасно да ја врши својата мисија во иднина.

Ова е 14-то по ред, редовно годишно парламентарно собрание на ОБСЕ и воедно прво што се одржува во САД.

XS
SM
MD
LG