Линкови за пристапност

Претседателот Буш не постави временска рамка за повлекување на американските војници од Ирак


Во време на нестабилна јавна поддршка за војната во Ирак, претседателот Буш рано утрово во директно обраќање до сонародниците побара трпеливост, но и ги одби повиците да прецизира кога точно американските сили би се повлекле од земјата.

Американскиот претседател ја претстави мисијата во Ирак како повеќеслојна – поразување на терористите на нивен терен со цел да се осигура безбедноста на американска почва, а со тоа да се спречи уште еден напад како оној на 11-ти септември 2001-ва, трансформација на Ирак во слободно општество кое натамошно ќе го прошири демократскиот бран низ Блискиот Исток, и, воопшто, создавање на позбеден и помирен свет за идните генерации.

Најновите истражувања на јавното мислење во САД, како она вчерашното на весникот Вашингтон Пост и ТВ мрежата Еј-Би-Си покажуваат дека Американците се се́ поскептични во врска со владините тврдења дека бунтовништвото во Ирак слабее. Првиот човек на САД одврати на повиците да даде конкретен рок за повлекување од Ирак со образложение дека прецизирањето датум би било сериозна грешка, оти Ирачаните би биле оставени сами на себе, оти американските сили не можат по толку жртви туку-така да заминат без да ја исполнат мисијата, и оти бунтовниците едвај чекаат на таква можност.

Ќе останеме во Ирак до кога сме потребни – ниту ден повеќе - резимираше американскиот претседател.

Говорот одржан во една од најголемите американски армиски бази - Форт Брег во федералната држава Северна Каролина падна точно една година откако САД го предадоа ирачкиот суверенитет во раце на ирачките власти.

Опозиционите демократи реагираа со тоа што побараа од претседателот да биде искрен со Американците и да дадејасна стратегија за успех во Ирак. Водачот на демократите во Претставничкиот дом – Ненси Пелоси побара тој да ја каже вистината за бунтовништвото и за тоа уште колку жртвување е потребно од страна на американските сили. Таа го критикуваше претседателот дека, цитираме, ги експлоатира настаните од 11-ти септември и оцени дека нема врска меѓу нив и војната во Ирак.
XS
SM
MD
LG