Германскиот канцелар Герхард Шредер синоќа се сретна со претседателот Буш во Белата куќа, по што побара Германија да добие постојано место во Советот за безбедност на ОН. Домаќинот – американскиот претседател, дипломатски воздржан во својот коментар на таа тема, но затоа уште еднаш упати порака до властите во Техеран да не развиваат нуклеарно оружје.
Текст: На апелот на германскиот канцелар за постојано место во Советот за безбедност на ОН, претседателот Буш по средбата во Белата куќа изјави дека Светската организација треба да усвои поопширни реформи пред да се зафати со реформа на Советот. Меѓутоа, запрашан директно - дали ја поддржува германската кандидатура, тој реагираше дипломатски: „Не сме против кандидтурата на ниту една земја.
Образложувајќи ја кандидатурата, канцеларот Шредер го истакна германскиот придонес во Авганистан, Ирак и на други места, коментирајќи дека неговата земја би требало да биде претставена во Советот.
Американскиот претседател на средбата со новинарите беше запрашан за друга тема на која деновиве во Вашингтон се посветува внимание – изборите во Иран. Тој го повтори ставот искажан уште пред изборите, дека „тие никогаш нема да бидат слободни кога група луѓе кои не се избрани од народот решаваат кој ќе се најде на гласачкото ливче“, мислејќи притоа на иранскиот свештенски врв. Претседателот Буш побара европските земји, кои преговараат со иранските власти околу нуклеарната програма на земјата, да останат цврсто на ставот против нуклеарните амбиции на Техеран:
„Продолжуваме да работиме со Велика Британија, Франција и Германија за да испратиме фокусирана, координирана и единствена порака – дека развивањето на нуклеарно оружје е неприфатливо, исто како и процесот што би му овозможил на Иран да развие такво оружје“.
Посетата на Герхард Шредер беше во сенка на проблемите што го чекаат дома, каде се очекува парламентот да гласа за доверба на неговата влада по поразот што демохристијаните го нанесоа на неговата Социјалдемократска партија на изборите во мај.