Линкови за пристапност

Митрева во Центарот Вудроу Вилсон:  дијалогот и компромисот ја водат Македонија кон ЕУ и НАТО


Продолжува посетата на шефот на македонката дипломатија на САД. За денес таа има средба со сенаторот Рилард Лугар, претседател на Сенатската комисија за меѓународни односи, како и со претставници на македонските иселеници. Таа вчера одржа излагање во угледниот Институт Вудроу Вилсон, каде кажа дека за само неколку години, Македонија се трансформирала од корисник во придонесувач за стабилноста, демократијата и мирот во делови од светот.

Процесот на демаркација на северната граница во делот на Косово е во интерес не само на Македонија туку и за покраината и регионот. Проблемот е што договорот за одбележување на границата е потпишан 2001-ва меѓу Македонија и Србија и Црна Гора, а косовските политичари не го признаваат. Прашањето со одбележувањето на границата е од техничка природа и наш интерес е да почне што поскоро, изјави Митрева.

„Остануваме определени за демаркација на границата со Косово пред донесување одлука за конечниот статус на Косово, или што е можно поскоро. Научивме лекции од нашето неодамнешно минато – прашања што се оставени нерешени можат да бидат злоупотребени од групи со радикални или насилни агенди“.

Кога Грција и Кипар, обете членки на ЕУ, би ставиле вето на приемот на Македонија во Унијата, каков би бил одговорот од македонската страна, праша претставник на Американскиот хеленски институт. Митрева реплицираше:

„Прашањето со името не е дел од нашата европска агенда. Земјите-аспиранти треба да ги почитуваат и исполнат Копенхашките критериуми. Проблемот во врска со името не е дел од тие критериуми“, изјави Митрева.

Не постои ексклузивно право на терминот Македонија, но самиот поим, Република Македонија, означува дека во дел од регионот егзистира независна суверена држава, објасни Митрева.

Македонија има добра соработка со Хашкиот трибунал и таа ќе продолжи и во иднина. Проектот со нафтоводот АМБО е од огромно значење за регионот и сесрдно го поддржуваме, оцени првиот македонски дипломат. Решавањето на прашањето со државните симболи е последно поглавје од Рамковниот договор. Предлог-законот веќе се наоѓа во парламентарна процедура, и до крајот на летото треба да биде усвоен, потенцираше Митрева пред присутните амбасадори, новинари и претставници на американската администација.

Дијалог и компромис - според Митрева, ова се двата збора кои ја водат Македонија кон ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG