Линкови за пристапност

Митрева:  САД ја поддржуваат македонската ориентација кон НАТО и ЕУ


Министерот за надворешни работи Илинка Митрева со државниот секретар Кондолиза Рајс и со потсекретарот за политички прашања Николас Брнс разговараше за промоцијата на НАТО - кандидатурата на Македонија. САД го поддржуваат стратешкиот од на Македонија кон НАТО и ЕУ, но и нејзината стабилност и територијален интегритет, изјави Митрева во Стејт департментот. Таму беше Јане Бојаџиевски.

Шефот на македонската дипломатија по средбата во Стејт департментот оцени дека „Македонија продолжува со исполнување на сите критериуми потребни за поканата за НАТО на наредниот Самит, но исто така и со подготовките за членство во Европската унија“. Периодот на размислување и интроспекција низ кој минува Унијата по референдумите во Франција и Холандија не треба да се одрази на темпото на проширување на Унијата, смета министерот Митрева.

Таа кажа дека оценката од разговорите со државниот секретар Рајс и од потсекретарот Брнс е дека „Македонија е на вистинската патека, дека е успешна приказна во регионот, држава која го следи реформскиот пат и придонесува за релаксација преку лидерската улога во регионалната соработка“.

Шефот на дипломатијата во Вашингтон го пренела ставот на македонската влада дека се залага за што поскоро затворање на прашањето за демаркацијата на северната граница во делот на Косово, во контекст на регионалната стабилност и придонесот кон позитивна атмосфера во која би стартувале разговорите за финалсниот статус на Косово. Митрева во Стејт департментот истакнала дека Македонија е подготвена да продолжи на конструктивен начин да учествува во процесот во ОН во врска со разликите околу името. Таа го повтори ставот за употреба на уставното име во меѓународната комуникација и изнаоѓање на соодветна формула за билатерална комуникација со Грција. Митрева на иселениците во САД има намера да им порача дека Македонија е стабилна земја со нормални потреби и проблеми и се надева дека ориентацијата кон зголемувањето на економската димензија на животот, отворањето нови работи места и странски инвестиции ќе преставува предизвик да дојдат во Македонија и да дадат придонес во развојот на татковината.

XS
SM
MD
LG