Фокусот на средбите на шефот на дипломатијата Илинка Митрева во Вашингтон е продолжување на промоцијата на НАТО-кандидатурата на Македонија, но нема да бидат одминати ниту актуелни прашања во надворешната политика, вели амбасадорот во САД, Никола Димитров.
Тој не ја исклучи можноста на средбите да стане збор и за демаркацијата на северната граница во делот на Косово, како и за разговорите за разликите околу името, што се водат во ОН.
Во Стејт департментот ќе се сретне со државниот секретар Кондолиза Рајс и со потсекретарот за политички прашања Николас Брнс. Ќе има средба и во Националниот совет за безбедност со заменикот на господинот Хедли, Џек Крауч.
...изјави македонскиот амбасадор во САД, Никола Димитров, за Гласот на Америка на македонски.
Посетата на Митрева ќе биде насочена и кон добивање поддршка од американскиот Конгрес и од Сенатот за интегрирањето во евро-атланските институции. За оваа цел планирани се разговори со републиканецот Ричард Лугар, претседавач со Сенатската комисија за надворешни работи, како и со сенаторите – демократот Пол Сарбејнс и републиканецот Џорџ Војновиќ, членови на оваа комисија. Во угледниот институт Вудроу Вилсон, првиот човек на македонската дипломатија ќе има обраќање на тема: „Правецот на Македонија“. За време на 4-дневниот престој во САД, Митрева ќе оствари средби со македонски иселенички организации како и со претставници од Албанско-американскиот национален совет, а планирана е и неформална средба со поранешниот државен секретар Колин Пауел.
Посетата на Митрева е уште едно потврдување на партнерството и одличните односи меѓу двете држави, оцени амбасадорот Димитров. Ова е втора министерска посета оваа година, а амбасадорот Димитров се надева дека годината ќе кулминира со средба на премиерот Бучковски со официјални американски лица во Вашингтон во време кога се бележат 10 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу САД и Македонија.