Линкови за пристапност

Миша Глени: Косово на пат да стане условно независно


Господинот Глени вели дека се сомнева Русија или Кина да употребат вето на евентуална резолуција на Советот за безбедност на ОН за условна независност на Косово.

Шест години откако НАТО силите ги истиснаа српските трупи од Косово, тој вели дека неприфатливата ситуацијата на територијата без статус конечно се разгледува од дипломатиите на САД и на ЕУ.

Норвешкиот дипломат Каи Еиде, неодамна назначен за специјален пратеник на ОН во наредните неколку месеци ќе оцени дали Косово направило доволно прогрес во исполнувањето на меѓународните стандарди за да се мине на преговори за статусот.

Господинот Глени предупредува дека заради фактот што косовската влада сеуште не успеала да даде гаранции на граѓанските права на српското малцинство, би било грешка да се претпостави дека господинот Еиде ќе даде зелено светло за независност.

Миша Глени вели дека политичките елити во Белград се подготвени да ја прифатат независноста на Косово, но од политички причини тоа не го велат јавно.

Тој исто така гледа позитивни промени во Србија, која на чело со премиерот Воислав Коштуница дава знаци дека ги прифаќа барањата на ЕУ и САД за соработка со хашкиот трибунал. Како најзначаен меѓу тие знаци, господинот Глени посочува на снимката од егзекуцијата Сребреница, што беше објавена минатата недела, гледајќи во тоа намера да се омекнат луѓето и подготват за апсење на Ратко Младиќ што треба да се случи следниот месец, вели овој балкански експерт.

Што се однесува до регионот, господинот Глени Србија и Хрватска ги смета за клучни во подготвувањето на патот целиот западен Балкан да влезе во ЕУ.

XS
SM
MD
LG