Панелистите Сорен Јесен Петерсен, специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН и раководител на мисијата на ОН на Косово, и Чарлс Инглиш, директор на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа при американскиот Стејт Департмент, стојат на ставот дека гаранциите за заштитата на човековите права се клучот за создавање демократско општество од Косово.
Вчерашната дискусија не донесе крупни новини во однос на планот на меѓународната заедница за Косово, но отвори простор за дефинирање на главните приоритети во таа насока.
„Сеедно каков статус да добие Косово, тоа ќе биде дел од Европа, а Европа е определена за почитување на човековите права“, рече на отворањето на дискусијата претседавачот на Комисијата, сенаторот Сем Браунбек.
Дека нема да има напредок во процесот на демократизација на Косово ако човековите права не играат централна улога е став и на господинот Петерсен, кој во петок ќе го извести Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Косово. Тој вели дека на таа средба ќе се одреди патот по кој Косово ќе зачекори во иднина.
Петерсен ја повтори констатацијата искажана деновиве од Николас Брнс, потсекретар за политички прашања на Стејт департментот на истата тема, дека доколку не се преземе нешто да се реши статусот на Косово, ќе се разгради досега направеното во регионот во последната деценија.
Сорен Јесен Петерсен смета дека особено треба да се работи на проблемот на слобода на движење. Друг проблем според него е да се направат напори за враќање на бегалците:
„Некои можеби веќе донеле одлука да не се враќаат, но други можеби сакаат тоа да го сторат. Тој процес треба да биде заснован на слободен избор за што треба да се создадат услови на теренот“.
Директорот на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа при американскиот Стејт Департмент Чарлс Инглиш смета дека малцинствата во Косово се́ уште се чувствуваат небезбедно. Тоа пред се е́ одговорност на албанското мнозинство, вели тој:
„Се додека таа заедница адекватно не ги почитува правата на малцинствата, темпото на евроатлантска интеграција на Косово ќе страда“.
Решавањето на статусот на Косово ќе го реши и најгорливото прашање на Балканот што преостанало по војните на овој простор, смета Чарлс Инглиш но додава - тоа не значи дека работата е завршена и присуството на меѓународната заедница ќе биде и натаму потребно.