Извештајот го покрива периодот од јануари до декември 2004-та година.
„Властите конечно признаа дека седуммината имигранти кои беа убиени кај Раштански лозја беа погубени без спроведување на соодветна законска постапка“, вели Амнести интернешенал, а потоа го споменува судскиот процес против лицата обвинети во случајот.
Амнести дава и преглед на случаите на исчезнатите или грабнатите лица за време на конфликтот, наведувајќи дека има извесен напредок во расветлувањето на тоа што се случило со вкупно 20-те лица – 13 Македонци, шест етнички Албанци и еден бугарски државјанин. Во ова поглавје се вели дека во септември бил издаден налог за апсење во врска со грабнатите етнички Македонци, но дека осомничениот, поранешен локален командант на етничките Албанци бил во бегство, како и дека до крајот на 2004-та не било издадено ниту едно обвинение во врска со исчезнатите етнички Албанци .
Во извештајот е наведен и случајот на Зоран Вранишковски: „Амнести интернешенал верува дека тој беше приведен од полицијата бидејќи тврдеше дека Сропската православна црква треба да има контрола врз Македонската, поради што и беше протеран од неа“.
Според Амнести, во 2004-та имало помалку наводи за злоупотреба на полициските овластувања, иако, како што се додава, се́ уште има извештаи за ваков вид на случаи. Организацијата наведува дека во март Апелациониот суд по 17-ти пат го одложил судењето на четворица полициски инспектори кои наводно толку тешко го претепале 12-годишниот Исак Таировски во 1994-та година што тој станал доживотен инвалид.
Амнести тврди дека насилството врз жените и натаму е широко распространето, споменувајќи ги официјалните податоци објавени во ноември според кои за овој вид на насилство биле поднесени 98 кривични и 623 прекршочни пријави.
Со промените во Кривичниот закон во април, минималната казна затвор за трговија со луѓе нарасна од пет на осум години, вели Амнести, но смета дека се́ уште е мал бројот на обвинети и осудени лица за овој вид на криминал, наведувајќи медиумски податоци во кои како една од причините за ваквата состојба се споменува тоа што жртвите многу често се плашат да сведочат, а добиваат и смртни закани.