Линкови за пристапност

Првата американска дама ја пречекаа демонстрации во Ерусалим


Група палестински муслимани синоќа и́ приредија жешко добредојде на Лора Буш при нејзината посета на светото исламско место - Златната џамија

Тие извикуваа: Како се осмелуваш да дојдеш тука! Зошто ги вознемируваш муслиманите. Не припаѓаш тука.

Израелската полиција формираше жив штит за да ги одврати демонстрантите.

Целта на посетата на првата американска дама беше да покаже дека САД се толерантно општество. Но, антиамериканското расположение на Блискиот Исток нарасна особено по написот во магазинот Њусвик – подоцна повлечен од уредништвото – дека американски иследници го осквернавиле Коранот фрлајќи го во тоалет во американскиот затвор Гвантанамо Беј на Куба, сакајќи со тоа да ги натераат затворениците да соработуваат.

Не беа гневни само муслиманите. Околу 40 еврејски демонстранти ја пречекаа госпоѓа Буш пред Западниот ѕид, најсветото еврејско место.

Тие викаа – веднаш ослободете го Полард! – мислејќи на Џонатан Полард, американски морнарички аналитичар кој издржува казна затвор за шпионирање во полза на Израел пред 20 години.

Првата американска дама доби многу подобро добредојде во местото Џерико под палестинска контрола на Западниот Брег. Таа кажа дека има разбирање за напнатоста, но подвлече дека наишла и на разбирање – на одвоени средби со групи израелски и палестински жени. Сие тие, вели Лора Буш, рекле дека се́ што сакаат е мир.

XS
SM
MD
LG