Линкови за пристапност

Британскиот парламентарец Џорџ Галовеј ги отфрли обвинувањата дека профитирал од  програмата Нафта за храна на ОН


Парламентарецот Галовеј остро ги негираше наводите од американската сенатска Постојана поткомисија за истраги дека добил нафтени зделки од соборениот ирачки лидер Садам Хусеин во замена за поддршката што ја дал за прекинување на санкциите кон Ирак.

Тој ја искористи можноста да го критикува претседателот на сенатското тело, републиканскиот сенатор Норм Колман од Минесота.

„Јас не сум, ниту некогаш сум бил трговец со нафта, и никој тоа не бил во мое име. Јас никогаш не сум видел буре нафта, никогаш не сум поседувал, купил или пак некој друг тоа го правел во мое име. Сега знам дека стандардите во Вашингтон се симнати последниве неколку години, а за адвокат, вие сте премногу великодушен кога се работи за идејата за правда.“

Комисијата објави документи што наводно покажуваат дека Галовеј примил 20 милиони барели нафта од програмата.

Документите велат дека тој, заедно со француски и руски политичари, кои исто така примиле надомест во нафта, потоа му сториле услуги на Садам како дел од зделката.

Ова е претседателот Колман:

„Во една од трансакциите на господинот Галовеј, пропратни трошоци од повеќе од 300 илјади долари биле платени на режимот на Хусеин. Виши претставници на Хусеин ја информираа поткомисијата дека Галовеј е оној што во крајна линија бил одговорниот за пропратните трошоци и секако би знаел за евентуални незаконски исплати што оделе под рака.“

Галовеј го отфрли тоа обвинение и кажа дека нема докази дека продал ирачка нафта. Тој рече дека истрагата се води за да се сврти вниманието од проблемите што САД ги имаат со повоен Ирак, вклучувајќи го тука и неуспехот да се поднесе сметка за милијарди долари потрошени во таа земја.

„Сенаторе, ова е мајка на сите димни завеси.“, изјави Галовеј.

Британскиот законодавец исто така го бранеше и своето противење на санкциите на ОН против Ирак и на војната под американско ракводство. Тој пред комисијата се појави доброволно, сведочејќи под заклетва и без имунитет од американско судско гонење.

Сослушувањето во Сенатот имаше цел да испита како Садам заработил милијарди од незаконска продажба на нафта и покрај санкциите поставени во 1991 по ирачката инвазија на Кувајт.

Програмата Нафта-за-храна, што сега веќе не се одвива, беше создадена за да му дозволи на ирачкиот режим да продава нафта во замена за хуманитарни добра, со цел да му се помогне на ирачкиот народ додека државата беше под меѓународни санкции.

XS
SM
MD
LG