Линкови за пристапност

Вашингтон Пост тврди дека американската влада се одлучила за нова стратегија чија цел е конечно решавање на статусот Косово 


„Буш има план за дејствување во врска со статусот на Косово“, Вашингтон Пост се повикува на анонимен американски виш владин претставник и наведува дека САД со тоа сигнализираат дека се посветени на расчистување на нерешените прашања на Балканот, односно во Босна и на Косово.

За утре во Претставничкиот дом на Конгресот е закажан распит на тема: “Косово – сегашен и иден статус“ на кој покрај останатите ќе се појави и Николас Бурнс, актуелен државен потсекретар за политички прашања и поранешен американски амбасадор во НАТО. Вашингтон Пост тврди дека потсекретарот Бурнс утре, и во одвоен говор во четврток, ќе го најави новиот план на американската влада, дека тој е внимателно изработен во интензивна дискусија со претставници на ОН и Европа, дека ОН ќе го именуваат норвешкиот амбасадор во НАТО Каи Еде да процени дали Косово е подготвено за разговорите за конечниот статус, како и дека доколку е подготвено, ОН есенва би спонзорирале меѓународни преговори дали Косово да остане дел од Србија, да биде независно, или да добие некој хибриден статус. Американската влада засега не реагираше на ваквото тврдење.

Весникот наведува и дека американски владини претставници велат оти не можат да предвидат како ќе заврши, како што се вели, повеќегодишниот процес за одлучување на иднината на Косово, ниту пак дека ќе вршат притисок за некој предлог посебно.

Во написот на Вашингтон Пост се цитира и Ричард Холбрук, искусниот политичар од поранешната влада на претседателот Бил Клинтон и добар познавач на балканските состојби, кој изразува задоволство што администрацијата на Буш решила да изврши ревизија на својата политика кон тој дел од светот. Клучно, е, вели Холбрук во изјавата, САД да ја преземат улогата на лидер на Балканот што ја напуштија, и додава: „Не може да имаме силно НАТО или стабилна Европа доколку Балканот гори.“

XS
SM
MD
LG