Линкови за пристапност

„Цесна“ над Вашингтон предизвика евакуација на владините објекти 


Мал авион од типот „Цесна“ влезе во зоната на забрането летање над Вашингтон и ги активира безбедносните системи. Беа повикани борбени авиони кои ја придружија „Цесната“ и ја принудија да слета на мал аеродром во местото Фредерик во федералната држава Мериленд. Таму полицијата ги приведе двете неидентификувани лица од авионот.

Претседателот Буш во тоа време не бил во Белата куќа. Возел велосипед во Мериленд.

Потпретседателот Дик Чејни се наоѓал во Белата куќа и веднаш бил евакуиран. Госпоѓа Буш и поранешната прва дама Ненси Реган, која дошла да ја посети во Белата куќа, биле одведени на безбедна локација.

Портпаролот на Белата куќа Скот мек Клилан изјави дека авионот ги игнорирал сите повици од контролата на летање и влегол во зоната на забрането летање над Вашингтон, со тоа дигајќи го нивото на тревога на „црвено“, што сигнализира директна опасност од терористички напад.

„Цесната се движеше во забранетиот простор кон Белата куќа и Конгресот. Пилотот не реагираше на обидите да се воспостави комуникација со авионот“, кажа портпаролот Мек Клилан.

Нивото на тревога беше намалено само неколку минути откако авионот сврти од својот правец.

Во Конгресниот дом на Капитол Хил, пратениците, нивните соработници, новинарите и посетителите ја напуштија зградата на повик на полицијата итно да го сторат тоа.

Откако властите објавија дека опасноста минала, конгресниот дом повторно беше отворен и лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот Бил Фрист се заблагодари на безбедносните служби

“Ова е голема зграда со буквално стотици и стотици луѓе кои работат во комплексот, и да се спроведе организирана евакуација е голем предизвик“, рече сенаторот Фрист.

Беа евакуирани и останати згради, меѓу кои и оние на Врховниот суд и Државната благајна.

XS
SM
MD
LG