Скопје, 5 мај 2005. Премиерот Владо Бучковски е добитик на светско признание за активности и придонес за постигнување на мир во светот.
Меѓународната асоцијација на предавачи за светскиот мир, невладина организација на ОН, одлучи Светската гран-при награда за 2005-та година да му ја додели на премиерот Владо Бучковски како призание за неговите хуманитарни активности и придонес во постигнувањето напредок и светски мир.
Како што информира Кабинетот на македонскиот премиер, одлуката за наградата била донесена на 11 март во Њујорк, а известувањето во Македонија стигнало вчера.
Меѓународната асоцијација на предавачи за светскиот мир во известувањето ги образложува причините поради кои на премиерот Бучковски му го доделува престижното признание:
"Владата на Република Македонија беше формирана во најдраматичните моменти од блиската историја на Македонија, со помош на меѓународната заедница. Задача на Владата беше да го зачува мирот и стабилноста на државата, нејзиниот интегритет и суверенитет. Во такви услови д-р Владо Бучковски, сегашен премиер на Република Македонија, ја презеде во 2001 година функцијата на министер за одбрана. Денеска, далеку од тие настани, ние можеме да кажеме дека д-р Владо Бучковски како министер за одбрана даде огромен личен придонес за мирно разрешување на конфликтите. Тоа беше исклучителен политички успех не само за Македонија, туку и за целиот регион кој беше уништен од војната. Извршувајќи ја функцијата на министер за одбрана, д-р Владо Бучковски иницираше голем број реформи неопходни за членство на Република Македонија во НАТО. Неговите активности во борбата против организираниот криминал и корпуцијата, како и реформата на судството се подеднакво значајни. Со своите напори за воведување измени во Уставот, д-р Владо Бучковски оствари успешна соработка со партиите од опозицијата и со синдикатите. Борејќи се за граѓански концепт на македонската држава, д-р Владо Бучковски стана лидер на сите граѓани на Македонија, доверлива личност, цврста подлога на демократијата во Македонија“,се вели во образложението што денес на медиумите им го пренесе Кабинетот на премиерот Бучковски.
Меѓу личностите кои ја добиле оваа награда се папата Павле Шести, генералните секретари на Обединетите нации Курт Валтхајм и Хавиер Перез де Куелјар, претседателот на Генералното собрание на ОН и претседател на Малта Гуидо де Марко, поранешната премиерка на Индија Индира Ганди и претседателите на САД и на Чешка Џими Картер и Вацлав Хавел.
Иако наградата е лична, ставот на премиерот Владо Бучковски, што го пренесе неговиот кабинет, е дека таа им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија.