Линкови за пристапност

Јозеф Рацингер – е новиот папа Бенедикт 16-ти


Германскиот кардинал Јозеф Рацингер е новиот папа. 256-от поглавар на Римо-католичката црвка е избран по дводневното заседание на 115 кардинали од 52 земји во светот. Од Ватикан се јавува Жорж Црмариќ од Гласот на Америка.

Претставникот од кардиналскиот совет кој го избра новиот папа на верниците на плоштадот Св. Петар им се обрати со зборови – Хабемус Папа, претставувајќи им го 78-годишниот германски кардинал Рацингер.

Откако беше поздравен со громогласен аплауз од десетици илјади присутни и откако беше објавен неговиот избор за папско име – Бенедикт 16-ти, новиот поглавар на Римокатоличката црква на верниците од балконот на базиликата Св. Петар им се обрати со зборовите: - „Браќа и сестри, по големиот папа Јован Павле Втори, кардиналите ме избраа мене, скромен и послушен божји слуга.......“

10-на минути пред 18 часот по локално време, започна да излегува бел чад од оџакот на Сикстинската капела. Десет минути подоцна се огласија и камбаните на базиликата Св. Петар, што беше потврда дека 1,1 милијарда католици во светот добија нов поглавар.

Црковните ѕвона се смирија по 20-на минути, откако река луѓе се упатија кон плоштадот Св. Петар, кој за половина час беше преполн.

Само еден од осумте папи во 19-от век е избран за само два дена. На другите избори, на Конклавите им беа потребни три до пет дена. Рекордната брзина со која беше избран Јозеф Рацингер се толкува како одлука на кардиналите да го одржат континуитетот на папата Јован Павле Втори, кому Рацингер му беше близок соработник. За новиот папа, набљудувачите велат дека е „чувар на ватиканската догма“ и припадник на конзервативната струја меѓу кардиналите. За него се говори дека е тврдокорен заштитник на конзервативните вредности во сите сфери на црковниот живот – од литургија до сексуалните престапи.

На челното место на католиците во светот дојде еден од најстарите кардинали, а не околу 10-години помладите - Австриецот Кристоф Шонбурн или Оскар Родригез Марадиџе од Хондурас, имиња кои честопати беа споменувани меѓу десетината кандидати за пиедесталот на Католичката хиерархија.

XS
SM
MD
LG