Линкови за пристапност

Нимиц поднел пакет идеи за разгледување, ги повикува обете страни да сорабвотуваат во рамки на процесот


Гласот на Америка на макеоднски утрово по македонско време доби соопштение од Канцеларијата на портпаролот на генералниот секретар на ОН во кое се вели дека како дел од тековниот процес под покровителство на генералниот секретар на ОН, неговиот специјален пратеник Метју Нимиц потврдува дека на 29 март 2005 до страните поднел пакет идеи за разгледување. Во текот на две недели по поднесувањето, тој се сретнал со претставници на обете страни, кои го информирале за гледиштата на нивните влади.

„И Скопје и Атина потврдија дека сакаат да постигнат обострано прифатливо решение за ова прашање преку дискусија во рамки на ОН и под покровителство на генералниот секретар. Таквото решение, согласни се обете страни, ќе го разреши тешкото прашање што неповолно се одразува на регионот и на инаку пријателските односи меѓу двете земји“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека иако посредникот Нимиц во моментов не може да соопшти дека веднаш ќе дојде до успех, со оглед на натамошните разлики меѓу страните, обете страни го поттикнале да ги зајакне своите напори врз основа на ставовите што неодамна му ги имаат доставено. Оттаму, тој ги повикал и Атина и Скопје да соработуваат со него во рамки на воспоставениот процес со минимум изјави за јавноста, со цел да утврдат како може да ги премостат своите разлики.

„Дијалогот во наредните недели ќе се одвика како дискусија меѓу Нимиц и секоја од страните одвоено, како и во вид на официјални средби во кои ќе бидат вклучени обете страни“, се вели на крајот од соопштението на ОН.

На синоќешниот редовен брифинг во Стејт департментот, пак, портпаролот Баучер на упорно новинарско инсистирање деновиве да каже нешто повеќе за разговорите во ОН, само кусо повтори дека останува на досега искажаниот американски став.

„Мислам дека е важно обете страни да пристапат на преговорите на конструктивен начин“, рече портпаролот Баучер.

XS
SM
MD
LG