Линкови за пристапност

Погребан папата Јован Павле Втори


Погребот на папата Јован Павле Втори ги собра на едно место најмоќните луѓе на светот. Папата на последната почивка беше испратен со долготрајно ракоплескање.

На денешниот погреб присуствуваа околу 2 милиони луѓе, вклучувајќи и околу 200 шефови на влади и држави и верски лидери. Меѓу нив - 4 кралеви, 5 кралици и 70-тина претседатели на држави.

Телото на папата Јован Павле Втори беше изнесено пред базиликата Свети Петар во едноставен ковчег од чемпрес. Во ковчегот беше ставен список на биографски податоци, како и медалјони што ја одбележуваат поединечно секоја година од папството. Ковчегот беше запечатен со папски печат.

Со повеќејазичната миса раководеше кардиналот Јозеф Рацингер, декан на Советот на кардинали.

Ова беше најголем собир во историјата на Ватикан. Истовремено, собир во духот на пораката на папата за единство и мир, на кој на едно место се најдоа политичките пријатели и непријатели.

Американскиот претседател Џорџ Буш седеше само неколку метри од иранскиот претседател Мохамед Катами, како и до сирискиот претседател Башар Ал – Асад, кои владата на САД јавно ги вброи во земји на - како што ја нарече претседателот Буш – „оската на злото“.

По мисата, ковчегот со Папата беше однесен во подземна гробница под базиликата Свети Петар. Таа церемонија не беше отворена за јавност. Верниците долго време по погребот останаа на улиците.

XS
SM
MD
LG