Линкови за пристапност

Бжежински:  Папата беше политичар на дело, иако не намерно


Јован Павле Втори стана папа во момент на големи промени во светот.

Неговата порака беше едноставна – важноста на верата и светоста на животот. Тој се бореше против тоталитаризмот со мирољубивост и смиреност, а за желните за слобода имаше едноставна порака – не плашете се.

„Тој на дело беше политичар, иако не со намера“, вели Збигњев Бжежински, кој добро го познаваше папата. Двајцата синови на Полска за првпат се сретнаа на едно предавање на Универзитетот Харвард, долго време пред првиот да стане советник за национална безбедност под претседателот Џими Картер, а вториот лидер на Католичката црква.

Тие дојдоа на позиции во доцните 1970-ти кога Полска, како и останатиот дел на Источна Европа, беше на работ на промена. Збигњев Бжежински синоќа на ТВ-мрежата Си-Би-Ес кажа дека кога папата минувал и говорел по својата татковина и регионот, длабочината на неговите убедувања била во голем контраст со духовната празнина на комунизмот.

„Тој го соголи комунизмот во смисла на претензиите и го разоткри онаков каков што беше. Кога појде зад Железната завеса, тој не проповедаше политика, но сепак доби огромен политички ефект“, рече Бжежински.

Милиони Полјаци го пречекаа папата кога тој за првпат се врати во родната земја во јуни 1979-та година. Тие го сторија тоа на своја рака, независно од комунистичката влада, и дел од аналитичарите сметаат дека таа посета го овозможи растежот на движењето Солидарност.

Бжежински вели дека папата бил убеден оти комунизмот во Источна Европа ќе падне, дури и кога во декември 1981-ва година просоветската влада во Полска објави вонредна состојба.

Нешто порано истата година, турски државјанин се обиде да изврши атентат над папата. Бжежински лично верува дека Советите биле вмешани во атентатот и дека се обиделе да ја сокријат вмешаноста преку комплициран ланец на заговор што водеше од Бугарија па се́ до Источна Германија, а вели и дека и папата мислел исто така.

Две години по обидот за атентат, папата го посети напаѓачот во затвор и му даде прошка.

Папата го уважуваа и поради тоа што отворено говореше за пропустите на црквата и што се обидуваше да допре до другите вери. Нобеловецот Ели Визел, хроничарот на нацистичките злосторства од холокаустот и еден од преживеаните логораши од Аушвиц, за кабловската мрежа на вести Си-Ен-Ен синоќа потсети дека како младич во Полска, папата бил против нацизмот, а како папа го посети Аушвиц и се молеше за убиените.

„Тој е првиот папа кој влезе во синагога во Рим. Тој одржа комеморација за холокаустот во Ватикан, а појде и во Ерусалим. Говореше против антисемитизмот и расизмот. Тој беше голем човек“, истакна Визел.

Папата Јован Павле ги посети Јордан, Израел и палестинските територии во март 2000-та. Неговата порака таму беше истата онаа што ги одбележа долгите години минати како прв човек на Католичката црква – толеранција и мир.

XS
SM
MD
LG