Линкови за пристапност

Почина папата Јован Павле Втори


84-годишниот папа почина во 21:37 часот по локално време, откако откажа неговиот циркулаторен систем како резултат на инфекција што се прошири по целото тело.

Ватикански официјални лица соопштија дека папата одлучил да остане во Ватикан и да не бара натамошен болнички третман откако во четвртокот неговата здравствена состојба појде нагло по надолна линија. Портпарол на Ватикан информираше дека папата во четвртокот развил температура од 40 степени Целзиусови како резултат на воспаление на уринарниот тракт. Воспалението предизвикало ширење на инфекција по целото тело а потоа и кардиоваскуларен колапс.

Според Ватикан, папата до последен момент останал „свесен, луциден и мирен“.

Јован Павле Втори, родум од Полска, стана папа во 1978-ма година. Тој е првиот папа кој не е од италијанско потекло во последните 455 години, а истовремено и трет според бројот на години минати на позицијата. Неговиот морален авторитет и меѓународната дипломатија одиграа улога во падот на комунизмот во неговата родна Полска и на други места во Источна Европа. Но, тој истовремено беше остар критичар на западниот материјализам, а отворено говореше и против војната во Ирак.

XS
SM
MD
LG