Линкови за пристапност

Папата започнал да губи свест


Ватикан соопшти дека папата Јован Павле Втори повремено губи свест и дека неговата здравствена состојба и натаму е крајно влошена. Портпаролот на Ватикан Јоаким Наваро изјави дека папата по првпат накусо изгубил свест утрово. Меѓутоа, портпаролот - кој инаку по професија е лекар – инсистира дека 84-годишниот првенец на Католичката црква не се наоѓа во кома како и дека ги отвора очите кога му се обраќаат.

Здравствената состојба на папата почна нагло да се влошува во четвртокот вечерта, а во петокот Ватикан соопшти дека тој има компликации со срцето и бубрезите, дека тешко дише, како и дека неговиот крвен притисок паднал на опасно ниско ниво.

Укажувајќи дека папата се уште е во состојба да говори, портпаролот Наваро информираше дека кога еден од помошниците му рекол дека на плоштадот Свети Петар во текот на ноќта се собрале илјадници луѓе да се молат за него, папата одговорил: „Јас се грижев за вас, а сега вие дојдовте кај мене“.

Медиумите ја пренесуваат изјавата на еден од најблиските соработници на папата, германскиот кардинал Јозеф Ратзингер, дека папата е свесен оти е на умирање. Кардиналот Хавуер Лозано, пак, за мексиканската телевизиска мрежа Телевиза изјави дека лекарите задолжени за папата му рекле оти нема повеќе надеж тој да се спаси и дека наскоро ќе почине.

Ватикан најави дека ќе продолжи редовно да ја информира јавноста во каква состојба се наоѓа папата.

XS
SM
MD
LG