Македонците гласаа на локални избори за прв пат по 2001-ва, кога со политички договор им беа дадени поголеми права на етничките Албанци и другите малцинства во Македонија. Според Организацијата за безбедност и соработка во Европа, изборите генерално минаа согласно меѓународните стандарди, иако имало одредени значителни, сериозни нерегуларности.
Кир Витмор е шеф на конгресната делегација од Советот на Европа. Тој вели - изборите минаа без проблеми во многу делови од земјата. Сепак разочаруваат бројните случаи на групно гласање, непостоењето потписи на гласачките листи, како и пренатрпаност на гласачките места со луѓе. Групното гласање е кршење на тајноста на гласањето, неприфатливо е и треба да биде дел од минатото.
Меѓу другите проблеми што ги наведоа меѓународните набљудувачи се и заплашување на гласачите, полнење на гласачките кутии и докази за пристрасност во државните медиуми.
Недостатоците во изборниот процес во Македонија треба да бидат исправени, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Ричард Баучер:
„Ги повикуваме властите во Македонија да ги истражат и да спроведат кривичен прогон во сите случаи на кршење на законот, и тоа да го сторат пред почетокот на вториот круг на изборите закажан за 27 март.“
Овие локални избори во Македонија се важен тест за определбата на земјата да изгради цврсти и непристрасни демократски институции кои ќе ги исполнат стандардите на евро-атланската заедница. Ова се први локални избори по усвојувањето на новиот закон за децентрализација, со кој треба да се зајакне демократијата на локално ниво. Тие претставуваат важен чекор во имплементирањето на Охридскиот договор од 2001-ва, кој е предуслов за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.
Македонија ќе добие многу со тоа што ќе обезбеди дека вториот круг на изборите на 27-ми март да бидат чесни и слободни. Во залог е многу повеќе од краткорочна политичка придобивка за политичартите и партиите. Владата и лидерите на политичките партии мора да работат на тоа да ја обезбедат иднината на Македонија евро-атланските институции со тоа што вториот круг на изборите ќе биде во согласност со демократските стандарди.