Средбата попладнево продолжува во состав Бучковски-Пенов-Ахмети.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски како што и беше најавено, и денеска не се појави. Но на денешните разговори не дојде ниту претставник на ДПА. Вчера заменик-претседателот на ДПА Мендух Тачи ја најави можноста дека нема да учествува во ваквите заеднички средби, а денеска оваа партија заедно со коалициониот партнер на овие избори ПДП одлучија да го бојкотираат вториот круг.
Единствениот претставник на опозицијата лидерот на ВМРО-Народна партија Весна Јаневска, кусо по започнувањето, ја напушти средбата со објаснување:
„Бидејќи најзасегнатите во ова прашање што произлегува од вчерашниот состанок, ДПА, не беа присутни, немам причина да останам на состанокот и немам за што да дискутирам со партиите од позицијата, кои се најодговорни за создавање и изведување на фалсификатот. И во тоа својство не останувам понатаму на состанокот“, рече таа.
Г-ѓа Јаневска најави дека пратениците од ВМРО-Народна ќе го поддржат предлог-законот за поништување на гласањето во општините во северозападниот дел на Македонија каде што има мнозинско албанско население.