Линкови за пристапност

Американски конгресмен - категоричен дека евентуално независно Косово нема директно да влијание на стабилноста на Македонија


Демократот Том Лантос, влијателен член во Комисијата за односи со странство на Претставничкиот дом, беше гостин на панел- дискусијата во Гласот на Америка. Конгресменот од федералната држава Калифорнија е дециден дека Косово е подготвено за независност. Според него, нема сомнение оти по ова прашање е неопходен заеднички пристап на САД и ЕУ.

Со стекнувањето на сувереност, Косово мора да обезбеди целосни и еднакви права на сите жители без оглед на нивната етничка или верска припадност, вели овој конгресмен, и предвидува дека Косово по одреден период ќе најде свое место и како член на ЕУ. На нашето прашање како конечниот статус на Косово би влијаел на ситуацијата во Македонија, со оглед на загриженоста од евентуална дестабилизација па дури и федрализација на земјата, Лантос истакна:

„Сметам дека косовската независност ќе нема директно влијание на Македонија. Напротив, создавањето на суверено Косово само ќе придонесе на растечката стабилност во целиот регион.“

Конгресменот Лантос, инаку познат по тоа што веќе со години се залага за правата на Албанците во регионот воопшто, сугерираше:

„Македонија ќе треба да научи да се справи со својата етничка разновидност и на неа да гледа, како на предност, а не како на препрека, како што на неа гледаме тука, во САД. Етничката разновидност е фундаментална база на Америка.“

Како пример за ова, конгресменот го наведе неодамнешното назначување на Кондолиза Рајс на функцијата државен секретар, уште еднаш подвлекувајќи дека етничката разновидност придонесува за постабилна нација.

На многу места во Југоисточна Европа, смета Том Лантос, и натаму продолжуваат етничките проблеми, од кои некои се мошне сериозни. Тој гледа решение за регионот во неговата интеграција во ЕУ.

XS
SM
MD
LG