Боно промовира нова модна линија која се произведува во земјите во развој под строги правила кои забрануваат присилна работа на децата и се од корист на локалните економии.
Кога Боно гледа кон светот, тој гледа можност да помогне.
„Кога се чувствувате обземен од она што го гледате, возбудлива е самата помисла дека можете да сторите нешто во врска со тоа“, вели тој.
Освен по музиката, Боно е мошне добро познат по промовирање на каузите како борба против СИДА-та и олеснување на долговите за одредени земји. Во интервјуто за ТВ мрежата Ен-Би-Си, тој објаснува дека неговата нова модна линија наречена „Иден“ произлегува токму од неговите секојдневни ангажмани.
„Секогаш можам многу да зборувам за Африка, но кога ќе појдете во Африка, јасно е дека она што Африканците го сакаат е помош, но она што навистина го сакаат е трговија“, изјави Боно.
„Иден“ ќе обезбеди работни места со тоа што гардеробата ќе се произведува во фабрики во земјите во развој кои ќе обезбедат солидни примања и каде ќе биде забранета присилна работа за малолетници. Како деловен партнер во проектот е модниот креатор Роган Грегори, а водечка улога во оваа компанија ќе ја има сопругата на Боно, Али Хјусон.
„Сето ова произлезе од чувството при купување облека за моите деца – не сакам таа облека да ја имаат направено нечии други деца“ вели госпоѓа Хјусон.
Боно рече и дека новата компанија не е потфат за добротворни цели:
„Не сакаме луѓето да ја купуваат гардеробата што ја нудиме бидејќи ги сожалуваат Африканците кои минуваат низ тешки времиња. Купувајте ја облеката бидејќи е навистина модерна. Купувајте ја облеката бидејќи обезбедува вработувања.“
Во моментов фабрики на проектот „Иден“ има во Лима, Перу и во Монастир, Тунис. За есенската колекција, призводството на модната линија на Боно, ќе се прошири и во Лесото и во Танзанија.