Линкови за пристапност

Прв допинг-случај


Првото допинг-тестирање во Македонија покажа дека македонските спортисти не се имуни на недозволени стимулативни средства. Средството е салбутамол, а фудбалерот чии резултати биле позитивни засега останува анонимен. Единствено се знае дека е член на еден од тимовите Работнички Кометал или Беласица од Првата македонска фудбалска лига и бил на листата на македонската национална репрезентација. Според претседателот на Здравствената комисија, д-р Илија Стоилов, првиот стручњак со лиценца за вакви тестирања, по завршувањето на натпреварот на овие два фудбалски тима, без најава, по случаен избор биле тестирани четворица играчи, по двајца од секој тим. Анализата направена на Институтот за фармакологија и токсикологија на Медицинскиот факултет во Скопје извршена на 6-ти март, покажала дека еден од нив имал позитивен тест за недозволеното средство. Според Фудбалската федерација на Македонија, играчот по автоматизам е суспендиран, но сепак му се остава можност да го докаже спротивното. Правилата наложуваат во рок од 24 часа прво да биде информирана Фудбалската федерација дека ќе се спроведе тнр. бе-експертиза, а во рок од 48 часа до неа да бидат доставени и резултатите од повторното тестирање. Доколку играчот користел недозволено стимулативно средство, му следува казна во согласност со дисциплинскиот правилник на Македонската фудбалска федерација, усогласен со актите на Европската и светската фудбалска федерација, ФИФА и УЕФА. Дали тоа ќе бидат 6 или 12 месеци забрана за настап, зависи дали забранетото средство се користело свесно или несвесно. Неговиот клуб, пак, ќе се соочи со одземање на бодови и со парична казна од 2.000 евра. Д-р Стоилов вели дека сите екипи навреме биле едуцирани да започнат со допинг-контрола. Ова е обврска од состанокот во Катар, пред две години ФИФА и УЕФА определиле рок до 2005-та година сите национални федерации да ги контролираат играчите во своите првенства. Уште во декември минатата година, сите клубови имале материјали и летоци под наслов „Фудбал без допинг“ со упатства за забранетите средства. Салбутамолот се користи при терапија на асматични заболувања. Тој е инхалатор што ги проширува дишните патишта и го зголемува дотокот на кислород. Тој има и тнр. анаболни ефекти, односно предизвикува тресење на организамот, нервоза и несоница, а при големи дози е смртоносен. За неговата терапевтска употреба потребна е посебна дозвола од секторот за спортска медицина во Македонската фудбалска федерација.
XS
SM
MD
LG