Линкови за пристапност

САД го номинираа Пол Волфовиц за нов директор на Светската банка


Претседателот Буш го номинираше заменик-секретарот за одбрана Пол Волфовиц за наследник на Џејмс Волфенсон на функцијата претседател на Светската банка.

Номинирајќи го вториот човек во Пентагон за позицијата број еден во Светската банка, претседателот Буш го окарактеризира Пол Волфовиц како “човек кој верува дека за да се шири слободата во светот, потребно е да им се помогне на луѓето да ја победат сиромаштијата“. Тој рече дека веќе разговарал со повеќе светски лидери за поддршка на номинацијата и кажа дека е задоволен што сегашниот претседател на Светската банка, Џејмс Волфенсон му дал поддршка на Волфовиц. Волфенсон најави дека сака да замине од функцијата по крајот на својот втор мандат што завршува на 1 јуни.

Пол Волфовиц, кој нашироко се смета за главен архитект на воената интервенција во Ирак, има минато речиси 25 години во владина служба, и тоа под шест различни претседатели, а бил и амбасадор во Индонезија. Тој најави дека доколку биде потврден на функцијата, планира најпрвин да ги контактира многубројните донатори, влади и невладини организации што имаат удел во Светската банка, со цел подобро да се запознае со мисијата на Банката во борба против сиромаштијата и давањето заеми, како и техничка и стручна помош на земјите кои се обидуваат да ја подобрат сопствената економска ситуација.

САД по традиција го номинираат првиот човек на Светската банка, но согласност за потврдување на функцијата треба да даде одборот на директори на оваа меѓународна финансиска организација, што ги претставува 184-те земји-членки.

XS
SM
MD
LG