Мирни и фер избори со порака за расвестување и за власта и за опозицијата. Ова како заклучок се наметнува по вчерашниот прв круг за избор на шеф на државата. Малата излезност од безмалку 42 отсто јасно ја покажува слабата мобилизираност и незаинтересираност на општеството за изборот на претседател на републиката. Анализите допрва ќе покажат зошто граѓаните се решија да апстинираат, но оваа бројка, веќе се анализира во штабовите на Пендаровски и Сиљановска-Давкова со прашањето како таа да се задржи и во вториот круг зашто без најмалку 40 отсто излезност изборите на 5-ти мај нема да успеат. Прославата на ВМРО-ДПМНЕ и изјавите на СДСМ дека победиле не може да го камуфлираат сигналот што дојде од електоратот.
Граѓаните го кажаа своето – и до таборот на Заев и до таборот на Мицкоски. Владејачката коалиција СДСМ-ДУИ со 323-те илјади гласови за Пендаровски загуби повеќе од 180.000 гласови во однос на локалните избори 2017-та кога заедно собрано на своето конто имаа повеќе од половина милион гласови. Прашање е и колку Мицкоски има основа за прослава ако се има во предвид дека и неговата ВМРО-ДПМНЕ со Сиљановска-Давкова освои 16.000 гласа помалку од 335-те илјади во 2017 година. Собрано, власта загуби гласови, ама опозицијата не доби нови избирачи.
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО – ДПМНЕ вели:
„Да не заборавиме дека СДСМ со 140.000 помалку гласа е. Секако се должи на намалената излезност и затоа ги повикав граѓаните да гласаат, а власта да прекине со притисоците, зашто евидентна е апатијата“.
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровскирече декаги разбира оние кои решиле „да не излезат на гласање и на тој начин да ја упатат пораката“:
„Тоа е нивно право и верувам дека политичарите ја примија. Убеден сум дека најголем дел од нив даваат поддршка за европската иднина на нашата земја. Би сакал да им порачам дека 5 мај е последниот датум кога ќе може да ја потврдат оваа нивна заложба. Убеден сум дека за две недели ќе гласаат за мене“.
И двете страни имаат помалку од две седмици до 5-ти мај да ги утврдат слабостите во пресрет на финалната пресметка на најтесните претседателски избори досега. Секако, неизвесно е каде и во која мерка ќе може да се преточат 80.000 гласа на Блерим Река кои ќе бидат клучни за избор на петтиот шеф на државата. Прашањето е и дали во наредните денови ќе се направи нешто за и граѓаните кои вчера останаа дома да се мотивираат и да гласаат во вториот круг.
Facebook Forum