СКОПЈЕ – Три маркети, аптека и продажните места на тројцата најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени и нема да работат во наредните 15 дена бидејќи во своите продавници продавале продукти со маржи повисоки од дозволените со владините мерки. Кај некои производи бруто профитната маржа одела и до 70 проценти.
Директорот на пазарната инспекција Влатко Стојкоски денес ги презентираше резултатите од двонеделните проверки на терен во кои беа опфатени над 420 мало и големопродажни објекти. Контроли се вршени и во мали и средни маркети но и во сите големи ланци на маркети како и кај увозници и дистрибутери.
Пазарните инспектори откриле 36 прекршоци за кои се изрекле казни во висина од 42 илјади евра покрај осумте фирми кои мораа да ги затворат продажните места.
Кај најголемите увозници на зеленчук и овошје увидовме фрапантни маржиВатко Стојкоски, директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ)
„Имаме констатирано кај осум правни субјекти констатирано целосно непочитување на одлуката на Владата. Три маркети, аптека и три големи увозници, односно најголемите увозници на зеленчук и овошје каде заедно со инспекторите увидовме фрапантни маржи“, изјави Ватко Стојкоски, директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ)
Во Пазарната инспекција се работат уште 30 предмети за да се утврди прецизно дали и какви неправилности има а со овие предмети се опфатени сите ланци на големи трговци.
„Имаме обемна документација за анализа, верувам во свесноста на инспекторите и верувам во нивната работа. Ќе ни оставите дополнителен простор бидејќи се носат сериозни одлуки. Во овие предмети се појавуваат сите до еден големи ланци на маркети“, појасни Стојкоски
Производи со маржи од 70 проценти се продавале на граѓаните
Тој потврди тоа што се шпекулираше во јавноста дека за голем број продукти разликата во цената од граница до рафт во продавница односно бруто профитната маржа била и над 70 проценти.
„Тоа што го видов од анализата што ја направивме пред месец и половина, буквално од влегување на одреден производ на граница, па до рафт просекот е 70 проценти на бруто профитна маржа. Свесен сум дека сме мал пазар меѓутоа 70 проценти е многу“, кажа Стојкоски.
Цените на веб страна мора да се исти со оние на рафтот
Околу обврската на трговците да ги објават своите цени на веб страна и редовно да ги ажурираат, која ќе почне да се применува кон средината на идниот месец, Стојкоски кажа дека очекува граѓаните да пријават доколку забележат нерегуларности односно дека некој производ се продава поскапо но и поевтино од цената наведена на веб страната
Владините мерки за скалесто ограничување на маржата за 102 категории со над илјада продукти стапија на сила на 20 февруари а надлежните беа под силен притисок на јавноста поради недостатокот на регулатива и контроли што им овозможуваше на трговците по сопствена волја и желба за профит да ги формираат цените на продуктите.
Граѓаните во два наврати ги бојкотираа маркетите а УЈП пресмета дека за време на бојкотите прометот бил намален за над 200 милиони денари што значи дека покрај трговците и државата загуби над 30 милиони денари кои требаше да се слеат во Буџет по основ на ДДВ.