Владејачкото мнозинство е влезено во процес на сериозно разгледување на можноста за промена на дел од државните симболи, пред се грбот, а можеби и химната.
Она што како потенцијална опција го навести премиерот и лидер на најголемата партија во владината коалиција, Мицкоски, денеска го потврди и Арбен Таравари, министер за здравство кој доаѓа од редовите на „Вреди“, блокот партии на Албанците. Тој, зборува за пакет, како што ги нарекува етнички прашања, и во него, покрај државниот грб ја става и химната.
Зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако ги има, и веќе да се фокусираме на екномијата, евроинтеграцијата, борбата против корупцијата.Арбен Таравари, министер за здравство
„Вреди е подготвена да разговара за се. За жал, во изминатиот период повеќе, така да кажам, чувствителни теми се ставаа под тепих, се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20 до 30 години и во пакет да ги решиме. Зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања, ако ги има, и веќе да се фокусираме на екномијата, евроинтеграцијата, борбата против корупцијата.“, вели Арбен Таравари, министер за здравство.
„Се уште конкретно не сме ја отвориле оваа тема“, е одговорот на Таравари, што според „Вреди“ треба да стои на новиот грб.
На иста линија е ѝ неговиот коалициски партнер од „Беса“ и градоначалник на Тетово кој потврди дека е за секакви промени на Уставот кои, како што рече, предвидуваат менување на „државните симболи од минатиот општествено- политички систем“.
Така не мисли опозицијата – социјалдемократите не само што се против промена на државните симболи, туку сметаат дека на овој начин, со ставање на овие прашања на дневен ред, власта сака да ја дефокусира јавноста од, како што сметаат, нејзиното лошо работење.
Наместо решенија за реалните прашања и проблеми владата ќе го замајува народот со теми од минатото.Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ
„Владата на Мицкоски преку министерот за здравство, кој повеќе наликува на министер брз ресор, не информираше дека за неа поголем приоритет е решавање на наводно отворените прашања за грбот и химната, а дури потоа фокусирање на вистинските проблеми. Оваа шокантна изјава на министерот за здравство потврдува дека владата целосно се има откажано од она што навистина им е важно на граѓаните. Наместо решенија за реалните прашања и проблеми владата ќе го замајува народот со теми од минатото.“, Методија Илиевски потпретседател на СДСМ.
Левица, оди и подалеку – вели дека најавената промена на државниот грб е удар врз АСНОМ како конститутивен елемент на Републиката.
„Со отворањето на темата за промена на грбот, премиерот Мицкоски ја отвори Пандорината кутија која единствено оди во прилог на балистичките апетити на партиите од т.н. албански блок кои веднаш бараат промена и на сите останати обележја. Мицкоски отворено го промовира својот ванчо-михајловистички континуитет во кој основен постулат е бришење на симболиката која потсетува на антифашистичкото минато, ослободителната борба и АСНОМ кои се темелот на кој е создадена Македонија“, пишува во реакцијата на Левица.
ВМРО-ДПМНЕ пак, наспроти „Вреди“ негира дека „некогаш било разговарано за промена на химната, ниту, пак дека во иднина ќе се разговара“.
Пред неколку дена премиерот самиот соопшти дека во владејачката коалиција било отворено прашањето за државниот грб кој го нарече постсоцијалистички. Последен пат грбот на земјата беше изменет во 2009 година кога од него беше симната црвената петокрака.
Последен пат кога имаше иницијатива за целосна промена на грбот беше пред десет години - тогашната влада предводена од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ, влегоа во договор за нов грб црвен лав на златна позадина.
Иницијативата тогаш не успеа.
Уставот, во член 5, нормира дека државни симболи се грбот, знамето и химната кои се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство.
Актуелната коалиција на власт, во изминатиот период, неколкупати тврдеше дека има двотретинско мнозинство во Собранието.