Вашингтон - Минатиот декември, грузискиот Парламент го избра Михаил Кавелашвили, близок соработник на основачот на владејачката партија Грузиски сон - Бидзина Иванишвили, за нов претседател на земјата.
Тој ја замени Саломе Зурабишвили, која победи на претседателската функција во 2018 година на народното гласање.
Зурабишвили беше петтиот претседател на земјата.
Опозициските партии и Саломе Зурабишвили тврдат дека парламентарните избори во земјата во октомври 2024 година, на кои Грузискиот сон официјално победи со 54,09 отсто од гласовите, биле наместени, и затоа не биле легитимни ниту победата на Грузискиот сон, ниту поставувањето на Кавелашвили наместо Зурабишвили, како претседател.
Опозициските партии одбија да влезат во Парламентот и да соработуваат со членовите на Грузискиот сон и бараат нови избори.
Саломе Зурабишвили беше во Вашингтон за да присуствува на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп на покана на конгресменот Џо Вилсон, републиканец од Јужна Каролина.
Додека беше во главниот град на САД, таа даде ексклузивно интервју со Гласот на Америка.
Во продолжение, дел од интервјуто за грузиската редакција на Гласот на Америка:
Глас на Америка: Знаеме дека присуствувавте на инаугурацијата на 47-от претседател на Соединетите Држави, но имавте шанса да се сретнете и со членовите на Кабинетот на претседателот Трамп. Која беше вашата главна порака на тие средби?
Мојата кратка порака беше дека Грузија се наоѓа во многу клучна пресвртница денес, во регион кој е многу важен за Соединетите Држави.Саломе Зурабишвили, петтиот претседател на Грузија.
Саломе Зурабишвили: Па, тоа беа повеќе средби пред инаугурацијата и пред потврдувањето на новите членови на Кабинетот. Ги запознав за време на различни приеми и на инаугуративиот бал. Значи, тоа не беше место за формален состанок или за пренесување формални пораки. Многу е важно да се воспостави контакт. Мојата кратка порака беше дека Грузија се наоѓа во многу клучна пресвртница денес, во регион кој е многу важен за Соединетите Држави и за интересите на Соединетите Држави, и затоа треба да има итно внимание за она што се случува во Грузија, во Кавказ, во Црното Море, од новата администрација на САД.
Гласот на Америка: Често велите дека на Грузија и требаат САД, но на САД, и треба Грузија. Зошто Грузија треба да биде важна за Соединетите Држави, и каква улога би можела да има Грузија во Јужен Кавказ и поширокиот регион?
Саломе Зурабишвили: Пред сè, затоа што Русите го знаат тоа повеќе од кој било друг: Тие секогаш историски велеа дека кој го контролира Тбилиси - го контролира Кавказот. А тоа е уште поважно денес, во време кога овој регион станува многу важен за контрола на Црното Море. Пристаништата на Црното Море се многу важни. И не е случајно што Русија ја започна војната против Украина, исто така, за контрола на тој дел од брегот на Црното Море, почнувајќи од Крим во 2014 година. И не е случајно што хибридната војна Русија ја започна со изборите во Грузија, исто така со изборите во Романија и да ги намести изборите, на многу поинаков начин, во Молдавија – така што тие, три земји, ако се погледне на картата, се земји на Црното Море. Значи, стратегијата на Русија е многу јасна.
Гласот на Америка: Различни експерти со кои разговараме велат дека Грузија нема да биде главен приоритет на администрацијата на Трамп. Како планирате да ѝ го привлечете вниманието на Белата куќа за Грузија?
Саломе Зурабишвили: Веројатно никогаш нема да бидеме главен приоритет, а се надевам дека нема да биде, затоа што тоа значи криза на поинакво ниво, што не го сакаме. Не сакаме нестабилност. Но, мислам дека тоа што се случува во Грузија е доста важно за стратешки интереси на Црното Море, пристаништето Анаклијам, или нови комуникациски врски со Кина.