„Главната расправа заврши, можете да си одите, слободни сте“, изјави судијата Илија Трпков.
Заврши судскиот процес против поранешните високи државни и полициски фунционери Трајко Велјановски, Спиро Ристески, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски обвинети дека се организатори на упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
„Барањето за примена на амнестија поднесена од обвинтетите Трајко Велјановски, Спиро Ристески, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се уважува. Се запира кривичната постапка поведена со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 31.05.2019 година за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност од член 313 од Кривичниот закон.“, изјави судијата Илија Трпков.
Со оваа одлука се прекинува судската постапка против четворицата откако јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во декември лани го известил Судот дека се согласува Законот за амнестија од 2018 година да важи и за предметот против Велјановски, Ристески, Јанакиески и Атанасовски.
Судијата Илија Трпков претходно решаваше дека амнестијата од 2018 не ги опфаќа и овие обвинети, но по позитивното мислење на обвинителството за гонење организиран криминал, следеше денешната одлука.
„Некој ќе каже дека случајот со организаторите на настаните во Собранието паднал, па сега треба да се ревидира и другиот предмет за веќе осудените за упадот во Собранието. Но, тоа не е така. Напротив, предметот ниту паднал, ниту пак се докажа дека настаните во Собранието не се организирани, туку се побара милост од државата за овие настани. Лично, мислев дека обвинетите ќе одат докрај за да докажат дека немаат вина, но тоа е нивно право и никој не смее да им се меша.“, изјави изјави судијата Илија Трпков.
По шест години донесена е вистинска одлука, вели одбраната на амнестираната „четворка“.
„Од изведените докази се покажа дека овие лиcа немаат никаква инволвираност за делата од 27 април. Тие дела се страшни против државата и го повикуваме Јавниот обвинител вистински да истражи кои се организаторите.“, оцени адвокатот Јордан Апостолски.
„По овој предмет, по донос на делот од лицата кои ги застапувам, не можеше и не смееше да биде поведено обвинение, ниту да стапи на сила и да трае сите овие години.“, истакна адвокатот Еленко Миланов.
Трајко Велјановски, Спиро Ристески, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски беа обвинети дека се организатори на насилниот упад на топпа во Собранието и тепањето на тогашните опозициски пратеници, настан познат како „крвавиот четврток“.
На крајот на 2018 дел од обвинетите за настаните од 27 април беа амнестирани. Денеска, шест години подоцна истото се случи и за организаторите на упадот во Собранието.