Генералното собрание на ОН во среда треба да ја разгледа нацрт-резолуцијата со која се повикува на итен прекин на огнот во Појасот Газа, како и ослободување на сите заложници кои се уште ги држат милитантите.
Состанокот доаѓа неколку недели откако САД гласаа против слична мерка во Советот за безбедност на ОН. Генералното собрание претходно го одобри повикот за прекин на огнот, но неговите резолуции се необврзувачки, за разлика од Советот за безбедност.
Нацртот што се разгледува, исто така, бара на палестинските цивили во Газа да им се даде итен пристап до помошта неопходна за опстанок, вклучително и непречен пристап за хуманитарни испораки низ Појасот Газа.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во вторникот соопшти дека помошта за северна Газа е главно блокирана веќе два месеци, оставајќи 65.000 до 75.000 Палестинци без пристап до храна, вода, електрична енергија или здравствена заштита.
Израелските сили извршија воздушни напади во северниот и централниот дел на Газа во средата за кои палестинските здравствени власти соопштија дека загинале најмалку 26 лица. Најмалку 19 од загинатите се убиени во напад што погоди куќа во Беит Лахија, соопштија властите.