„Очигледно е дека досега функционалноста на Судскиот совет е доведена во прашање и тоа во неколку наврати.“, изјави Игор Филков, министер за правда.
Тоа е објаснувањето на министерот за правда зошто новата влада се решава на чекор за измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет. Според Игор Филков така ќе се обезбеди независност и професионалност на ова тело задолжено за избор и разрешување на судиите, а кое во изминатиот период го потресоа неколку скандали – од оставка на неколкумина членови, до незаконското разрешување па враќање на претседателката на Советот, што ја натера самата Европска Унија да прати Оценска мисија за да ја утврди реалната ситуација.
Идејата сега е низ неколку јавни дебати како денешната, да се слушнат мислењата на експертите и на меѓународната заедница како да се подобри состојбата, наспроти првичната замисла на новата влада и на премиерот за целосно распуштање на Советот, нешто што наиде на отпoр кај меѓународната заедница.
„Се надевам дека врз основа на сите предлози на експертите ќе се изготви еден квалитетн законски текст.“, оцени Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет.
Дел од експертите сметаат дека она што денеска било дискутирано е добра основа за понатаму.
„Малку се дискутираше за изборот на судиите, дали да има цензус или не – мислам на кандидати за членови на Судскиот совет од редот на судиите... Мислам дека тоа треба да бидат оние кои се најдобро оценети. Мислам дека цензусот од 51 процент е преголем. Во делот на Собранието и на претседателот кои предлгаат тројца, односно двајца кандидати, да можат да бидат и адвкокати и професори и стакнати претставници на граѓанскиот сектор, тоа е добро. Судскиот совет треба да биде брана за судската власт од извршната власт.“, вели Борче Давитковски, правен експерт.
Во својот извештај за земјава објавен минатиот месец Европската комисија препорачува „зајакнување на Судскиот совет преку ревизија на законската рамка за подобрување на независноста и транспарентноста во соглсност со препораките на Оценската мисија на ЕУ“.
Од вкупно 40-те препораки, 17 се однесуваа токму на функционирањето на Судскиот совет, додека за останите 23 неопходни се интервенции во неколку закони, но и во Уставот.