Вербални напади, навреди, омаловажувања, особено преку социјалните мрежи, кои воопшто не се наивни и не смее да се сметаат за безопасни, се главните проблеми со кои се соочуваат македонските новинари, предупредуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
На меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите, од новинарскиот синдикат велат дека анкетата која ја спровеле на над 450 новинари и медиумски работници покажале доста загрижувачки податоци.
„Дури 45 проценти од новинарите доживеaле некакви омаловажувања или дискредитација, а 25 проценти некаков тип на закани и заплашувања. Овие бројки се релативни бидејќи во бројката на анкетирани новинари влегуваат и оние кои никогаш или многу ретко пишуваат осетливи теми. Исто така, интересен е и податокот дека на прашањето дали по нападот добиле некаква поддршка од државните институции само 14 проценти одговориле позитивно“, вели Павле Беловски, претседател на Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници.
Овој податок, вели Беловски, укажува на тоа, дека постои уште многу празен простор за дополнителна работа и соработка помеѓу соодветните државни институции и новинарските организации со цел адресирање на нападите врз новинарите.
„Бараме итно решавање на сите отворени случаи во кои врз новинари се применува насилство. Вербалното насилство и малтретирањата, преку онлајн платформи, бара сериозен одговор од МВР и Обвинителството. Граѓаните бараат од нас, верно да им служиме. Да не потклекнуваме на насилниците, да не шуруваме со политичките партии, да информираме за злоупотребите на бизнис моќниците. Затоа ни треба целосна поддршка, транспарентни и фер постапки, за да обезбедиме медиумски простор ослободен од страв и закани“, истакна Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Чадиковски рече дека во моментот има два случаи, кои бараат итна истрага, а тоа е палењето на автомобилот на колега во Штип, а вториот случај е следењето и снимањето на новинарка.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, изрази осуда на секоја постапка со која новинарите се предмет на незаконско следење и снимање, секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите и влијание врз нивната работа.
„Таков однос кон новинарите е и ќе биде недозволен додека јас сум државен јавен обвинител. Приоритет на Јавното обвинителство е заштитата на јавниот интерес и правата и слободите на граѓаните и затоа јас како државен обвинител ниту одобрувам, ниту толерирам притисоци и закани, без оглед од кого и да доаѓаат и сум одлучен да ги преземам сите законски мерки со кои моите вербални заложби ќе се покажат на дело“, смета државниот јавен обвинител Љупчо Кочевски.
Во четири јавни обвинителства низ државата, во Скопје, Штип, Битола и Тетово се назначени обвинители кои го следат постапувањето во предметите поврзани со нарушување на безбедноста на новинарите.
„Измените на Кривичниот законик со кои новинарите добија заштита како службени лица при вршењето на своите работни задачи активно се применуваат и веќе се изречени неколку пресуди за сторено кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие во ситуации кога нападнати се новинари или медиумски работници. И за останатите регистрирани кривични дела против новинари активно се постапува и се преземаат дејствија против сторителите“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Кочевски.
Коцевски вели дека полесно оди идентификацијата и процесуирањето на сторителите на физичките напади, додека онлајн и интернет заканите и заплашувања, во голема мера се условени од меѓународната соработка со соодветните интернет провајдери и социјални мрежи, што понекогаш ја усложнувало постапката.
За претседателот на Синдикатот на новинари, Беловски, дополнителен проблем за новинарите и медиумските работници е нивната економска безбедност и самостојност.
„Околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата во Македонија. Тоа е загрижувачки факт кој влијае врз нивната работа од повеќе аспекти вклучувајќи ја и безбедноста, но и здравјето при работа, земајќи го предвид фактот дека дури 55 проценти од новинарите одговориле дека се под постојан стрес на работното место. Најнебезбедни услови има во онлајн медиумите каде само 39 проценти од новинарите и медиумските работници имаат редовен работен однос“, вели Павле Беловски, претседател на Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници.
ССНМ и годинава се приклучи на кампањата на Меѓународната федерација на новинари, за одбележување на 2 ноември, меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за нападите врз новинарите и медиумските работници. Од почетокот на годината дури 76 новинари се убиени во светот, од кои дури 46, во Газа.
Меѓународната федерација на новинари бележи убиства и разни напади брз новинари насекаде во светот и нивниот растечки број е сериозно загрижувачки.