Македонецот Игор Анастасов, кој живее и работи во градот Аждот во Израел, за Глас на Америка раскажува дека по синоќешниот напад на Иран врз Израел, ситуацијата денес е мирна, но оти помеѓу населението постои страв и паника од понатамошна ескалација на настаните.
„Живеам во Аждот во Израел, а патувам во повеќе градови секојдневно. Ситуацијата вчера беше многу тешка и лоша. Сирени свиреа насекаде низ Израел. Имаше дожд од ракети, како што не сме виделе претходно. И, прв пат од почетокот на војната сме известени сите на порака на мобилните телефони, веднаш да се засолниме. Луѓето бегаа на сите страни и се засолнуваа. Иако се подготвени со намирници и психички се навикнати да живеат со вакви ситуации, сепак стравот беше поголем и паниката се осети. Повеќето кажаа дека ова не е Хамас, туку е Хезболах, односно Иран и посериозно ја сфатија ситуацијата. Очекувам дека ќе биде лоша ситуацијата“, вели тој.
После нападот на Хамас минатиот октомври, поголемиот број на Македонци го напуштија Израел. Игор вели дека се останале неколкумина.
„Искрено ние Македонците кои останавме тука сме малку, и се надеваме дека животот ќе се нормализира и дека повторно ќе се вратиме да живееме мирно и нормално“.
Македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија го осудува синоќешниот ирански ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, при што беа убиени шест цивили.
„Амбасадата во Тел Авив веќе стапи во контакт со надлежните институции на Израел, со цел потврда дека меѓу жртвите и повредените нема државјани на нашата земја“, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.
Од таму и со апел до македонските граѓани.
„Имајќи ја предвид влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, апелира до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните кои се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум“, стои во соопштението.
Македонската амбасада во Тел Авив е целосно екипирана и ставена на располагање за нашите граѓани. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе продолжи да ги следи состојбите во Либан, Израел, Иран и регионот и навремено ќе ги информира македонските државјани за евентуални насоки за постапување.