Регионот на Западен Балкан се наоѓа пред нов здравствен предизвик, односно опасноста од ширење на уште една болест кај животните.
Тоа е болеста позната како чума кај малите преживари, која се јавува кај овците и козите.
Болеста најпрво се појавила во Романија, а потоа и во Грција, каде само до први септември се уништени речиси 17.000 грла.
Во Северна Македонија, болеста се` уште не е присутна, но надлежните велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за да се спречи нејзината појава.
Со министерството за внатрешни работи се договоривме да имаме поголема контрола и на легалниот увоз на животни.Миланов, директор на Агенцијата за храна
„Има опасност тоа да биде и кај нас, но преземаме мерки и инспекции, а договорени сме и со ЗЕЛС (Заедница на единици на локална самоуправа) од каде неопходна ни е помош, затоа што болеста кога ќе настане не е штетна по здравјето на луѓето, но е штетна по овците и козите. Со министерството за внатрешни работи се договоривме да имаме поголема контрола и на легалниот увоз на животни“, вели Оливер Миланов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
„Ова болест почна изненадно да се шири во две земји од ЕУ. Но, овде се спроведуваат големи активности во однос на подготовка за соодветно сузбивање, превенција и контрола на оваа болест. Ние како регионален проект, кој се финансира од ЕУ, помагаме на сите земји од Западен Балкан, за нивна подготовка и контрола на повеќе болести, кои ние ги викаме болести од А категорија и кои многу брзо се шират“, коментира Тони Киранџиски, тим - лидер на проектот за контрола на заразни болести во Западен Балкан.
Оваа болест е многу полесна за сузбивање, затоа што вирусот не е толку многу отпорен и доколку навреме се детектира, можат да се применат ефикасни мерки за спречување на ширењетоЏаџовски, професор за ветеринарна медицина
„Многу треба да се внимава и да се следи ситуацијата. Кај нас се преземени доста мерки и активност во таа насока, во однос на подигнување на свеста и запознавање на фармерите, за пријавување на секој сомнеж за да може да се постапи навремено и да дојде до рано откривање на болеста. Оваа болест е многу полесна за сузбивање, затоа што вирусот не е толку многу отпорен и доколку навреме се детектира, можат да се применат ефикасни мерки за спречување на ширењето“, вели Игор Џаџовски, професор на Факултет за ветеринарна медицина.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека сите напори сега се вложуваат за спречување на болеста и заштита на 487.000 илјади овци и кози во земјава, како и за зачувување на статусот земја слободна од болеста, со што европскиот пазар ќе остане отворен за извоз од земјата. Евентуалното ширење на болеста, ќе се одрази врз економијата и стопанството во Северна Македонија.
„Ние, како држава Македонија имаме извоз на млеко и млечни производи, волна и кожа. Тоа ќе се одрази и на стопанството и економски Македонија ќе изгуби многу“, предупредува Оливер Миланов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
„Ова се многу сериозни болести. Главен акцент за контрола на болеста е со имплементирање на строги мерки, кои вклучуваат убивање на сите животни кои се заразени, нема други мерки, односно постои вакцинација, но доколку се примени вакцинација, тоа ќе има последици во однос на извозот на производи од земјата. Во нашиот случај тоа е извозот на јагнешко месо, што е многу битен за македонското стопанство“, заклучува Тони Киранџиски, тим - лидер на проектот за контрола на заразни болести во Западен Балкан.
Евентуалното ширење на болеста ќе го намали и така се` помалиот сточен фонд во Северна Македонија, а ќе одврати и многу луѓе кои чуваат стока, да продолжат да го прават тоа.
„Јас сметам дека многу други фактори придонесуваат за намалување на сточарите и сточниот фонд, но секако дека ваков тип на болести ќе ги одврати и оние луѓе кои сакаат да чуваат стока. Ако се уништат животни, од искуство, многу тешко луѓето се враќаат да го возообноват, затоа што ќе треба време ако се појави. Тоа има не само економски последици, туку и подолгорочни последици“, додава професорот Игор Џаџовски.
Во регионот е пристна и болеста позната како „африканска чума“, кај свињите. Се смета за една од болестите кои што се дефинирани како болест со економски најголеми загуби во историјата.
„Ширење на африканската чума кај свињите во регионот се одвива полека но континуирано, особено онаму каде не се спроведуваат мерките. Треба да се координираме на регионално ниво, бидејки болеста не познава граници, исто како и многу други болести кај животните. Оваа болест е специфична, затоа што се шири преку популација на домашните свињи, но пред се преносители се дивите свињи и затоа мерките треба да бидат такви, да се фокусираат и на една и на другата популација на свињи“, апелира Будимир Плавшич, регионален претставник на Светската организација за здравје на животните во Европа.
Во Северна Македонија, состојбата со питомата популација на свињи е стабилна, по појавата на првото жариште во Делчевско во јануари, 2022 година.
Последниот евидентиран случај годинава е во август во пехчевското село Панчерево. Годинава евидентирани се три жаришта на болестта. Угинати или убиени и нештетно отстранети се 13,263 свињи.
Кај дивата популација свињи кои се сметаат за најчест преносител на болеста, евидентирано е зголемување на бројот на позитивни случаи. Само во првото полугодие од 2024-та година, потврдени се 245 случаи, во однос на 163 во 2023 и 37 случаи во 2022 година. Овие видувања беа изнесени на 23-от состанок на Постојаната група на експерти за африканска свинска чума од дваесеттина држави од Европа.