Линкови за пристапност

Десет години од Берлинскиот процес, Западен Балкан се уште далеку од членство во ЕУ


Вака беше во август 2014 кога во германската престолнина се собраа лидерите на шесте земји од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ на иницијалниот самит на Берлинскиот процес.

Процесот замислен како платформа за зголемување на соработката меѓу западнобалканските држави и Европската Унија во изминатите 10 години даде ефекти, особено во подоготвката за идното членство, но и во мобилноста на граѓаните и креирањето позитивна клима меѓу соседите. Токму за тоа, но и за идните чекори денеска се дебатираше во Собранието каде беше презентиран напредокот на Северна Македонија во Берлинскиот процес.

„По 10 години го гледаме како процес кој дава резултати и се разликува од сето она друго, или она што било замислено на почетокот.“, изјави Никола Мицевски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Германија, една од клучните членки на Унијата ја потврдува посветеноста за натамошното проширување кон Западен Балкан.

„Берлинскиот процес прерасна во институција се со цел да се приближи Западен Балкан кон ЕУ. Берлинскиот процес не е алтернатива за членство во ЕУ, туку е двигател што ќе овозможи побрзи и поконкретни чекори во интеграцијата кон Унијата. А тоа е крајната цел.“, истакна Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија.

Но, и по 10 години од почетокот на Берлинскиот процес, ниту една од земјите од Западен Балкан не само што не стана членка на Унијата, туку ниту направи посериозен исчекор во процесот на приближување.

„Берлинскиот процес треба да заврши што побрзо зашто ако заврши тоа ќе значи дека земјите од Западен Балкан ќе бидат интегрирани во ЕУ. Значи да работиме на побрзо исполнување на работите од агендата на Берлинскиот процес за тој да заврши.“, изјави Бобан Карапејоски од ЗНАМ.

За тоа што треба новата влада да преземе за забрзување на пристапниот процес денеска во Брисел, на првата нивна средба, разговараа еврокомесарот за проширување Вархеји и министерот за европски прашања Муртезани.

„Го информирав комесарот Вархеји за приоритетите на Владата, како и дека европската интеграција на Република Северна Македонија е меѓу клучните приоритети на земјата. Еврокомесарот ме информираше дека Европската комисија и институциите на Европската Унија ја поздравуваат заложбата на Владата, особено во брзината со која беше обработена и имплементирана реформската агенда, која јас лично ја сметам како една од најголемите достигнувања на првите сто дена на Владата.“, истакна Орхан Муртезани, министер за европски прашања.

Наредниот самит на Берлинскиот процес, на кој ќе се одбележи 10-годишнината од неговиот поечток, ќе се одржи овој октомври токму во Берлин.

XS
SM
MD
LG