Линкови за пристапност

Нема повеќе привилегирани и недопирливи, вели министерот за внатрешни работи Тошковски


Постојат информации за предизвикување состојба во државата која би создала немир, вели министерот Тошковски

Ќе сториме сѐ за да овозможиме мирна есен, вели Тошковски

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Панче Тошковски во интервју за Гласот на Америка на македонски зборува за можни незаконски дејствија кои би ги презеле политички субјекти кои биле на власт, а сега се во опозиција, со цел „да се дефакторизира сегашната власт“. На ова, министерот вели „соодветно ќе одговориме“.

Интервјуто е уредено заради јасност:

Глас на Америка: Премиерот Мицкоски неодамна предупреди на можна дестабилизација на државата. Имате ли како министерство за внатрешни работи информации за такво нешто и од каде би доаѓале тие?

Тошковски: МВР ќе ги преземе сите оние мерки и активности, кои ги има во рамки на она, кое согласно Закон, му е доверено како обврска и задача, и граѓаните да бидат безбедни, да се чувствуваат безбедни. Ќе сториме се што е потребно за да можеме да овозможиме една мирна есен. Да, точно е дека постојат информации кои одат во насока на предизвикување на, да речеме, состојба во државата која би требало да создаде немир. Немир врз основа на кој би требало да се факторизираат одредени политички субјекти, кои што беа повеќе од дваесеттина години на власт, и за кои е тешко да прифатат да бидат во опозиција. И јас ги разбирам заради тоа што се навикнати на комфор и на сето она кое значело државна функција.

Но, во наредниот период ќе треба малку да се навикнат и на опозиција и да се навикнат на спроведување на Закон. Односно МВР во иднина ќе постапува како што постапуваше изминатите два месеци, а тоа е во насока Законот да важи еднакво за сите, и да секој оној кој сторил криминал одговара. Одговара во една законита постапка, одговара врз принцип на пресумпција на невиност, но одговара. Нема повеќе недопирливи, нема повеќе луѓе, за кои народот ќе се плаши да го спомене нивното име, нема повеќе луѓе за кои обвинителите ќе се плашат да го споменат нивното име, нема повеќе луѓе за кои полицијата ќе се плаши да преземе истражни дејствија и затоа оправдан е стравот и оправдана е потребата да се чувствуваат вознемирени одредени луѓе, но не е оправдано тоа да се факторизира во рамки на општествениот живот во Македонија со незаконити дејствија. Ќе сториме се што во е наша можност, за да обезбедиме една безбедна состојба во Македонија и ќе го сториме тоа“.

Глас на Америка: Каква дестабилизација, што очекувате, кои се вашите информации?

Тошковски: Најавите се дека ќе се преземаат дејствија сѐ со цел да се дефакторизира сегашната власт, од аспект на одредени незаконски дејствија кои можат да се преземат од страна на одредени политички субјекти, кои беа на власт во минатото. Но соодветно ќе одговориме. Ќе одговориме така како што треба. Нема повеќе привилегирани и недопирливи и ќе постапиме согласно Закон.

Глас на Америка: Најавивте дека МВР започнува бескомпромисна борба против сите видови на криминал и нарушување на јавниот ред и мир. Како планирате да го направите тоа?

Тошковски: Во рамки на градот Скопје во последните пет-шест дена, отвориме една посебна оперативна акција, со која се зголеми полицијата на терен. Тоа значи дека секој еден полициски службеник, кој можеше да се активира, согласно оперативен план беше активиран во рамки на постапувањето на територија на град Скопје. И сите оние дејствија кои ги преземаме се преземени во насока на откривање на сообраќајни прекршоци, откривање на кривични дела кои секојдневно се прават, на преземање на соодветни дејствија во рамки на постапување на полициски акции, каде треба да се интервенира во рамки на оперативна акција, да се затвори градот, влезовите и излезите на градот, за да може оперативно да се делува против одредени криминални групи кои хараат во изминатите пет-шест години во рамките на градот Скопје. Добро е што имаме полиција на терен. Добро е што народот гледа дека навистина се бориме против целокупниот оној хаос кој го наследивме. Се постапува во делот на преземање на одредени дејствија, како против сообраќајните прекршоци и уличниот криминал така и против организираниот криминал и високата корупција. Покажавме во изминатиот краток временски приод дека можеме да бидеме професионални сериозни во борбата.

Глас на Америка: Откако приведовте неколку лица за подметнување на пожари, дали имате информации за начинот на кој биле подметнати, бидејќи се појавија информации во јавноста дека и со помош за т.н огнени балони биле предизвикани таквите пожари?

Тошковски: Денеска бев запознаен од началникот на СВР Охрид, дека биле поднесени три кривични пријави за предизвикување на општа опасност за пожарите кои настанаа изминатиот период на територија на СВР Охрид. Најголемиот дел од кривичните пријави кои ги имаме поднесено ги имаме поднесено врз основа од член од кривичниот законик, кој се однесува на предизвикување на општа опасност. 99 % е секогаш човечки фактор, кој запалиле со невнимание или со умисла одредени пожари. Можеби не сакале да ги предизвикаат, но со нивното несовесно однесување ги предизвикале, најчесто се такви. Исто така имаме пожари кои се предизвикани со директна умисла да се предизвика пожар, за кои се поднесени кривични пријави и истите се процесираат. Жално е, имајќи ја во предвид, целокупната ситуација досега, одговоривме максимално согласно ресурсите кои ги имавме. Меѓутоа жални се ресурсите кои ги наследивме, како човечки така и технички. И поради тоа и Владата донесе одлука, со која ќе треба да направиме една реорганизација на системот за управување со кризи. Факт е дека ги вративме пилотите кои отидоа во пензија, а претходната Влада не обезбедила пилоти кои ќе ги управуваат ер-тракторите. Луѓето се вратија од пензија и ги управуваа ер-тракторите. Благодарност до сите наши меѓународни пријатели кои врз основа на принцип на солидарност ни овозможија да ги користиме нивните ресурси, хеликоптери, ер-трактори.

Глас на Америка: Има ли разврска на случајот со бегството на Косовецот, Блерим Рамадани?

Тошковски: Предметното лице кое го споменавте не беше пронајдено во куќен притвор, од страна на МВР се преземени соодветни процесни дејствија, врз основа на кои Јавното обвинителство издаде наредба, врз основа на која се отпочна со конкретни истражни дејствија. Во изминатиот период Јавното обвинителство носи наредби сѐ со цел да може точно да се утврди фактичката состојба. Ве уверувам дека јавноста ќе биде детално информирана во врска со сето она што е преземено, доколку има докази за утврдување на вина спрема конкретни лица, како Обвинителството така и МВР ќе постапи согласно Закон. Убеден сум дека Јавното обвинителство во детали ќе ја истражи оваа ситуација и ќе преземе соодветни процесни дејствија согласно Закон.

XS
SM
MD
LG